ВО ЗАТВОРИТЕ СЕ УМИРА ОТИ ВЛАСТА ТРИ ГОДИНИ ЈА КОЧИ РЕФОРМАТА

Недозволиво е со човечки животи да се плаќа тоа што трета година по ред не се применува новиот Закон за извршување санкции од 2013

ВО ЗАТВОРИТЕ СЕ УМИРА ОТИ ВЛАСТА ТРИ ГОДИНИ ЈА КОЧИ РЕФОРМАТА

Осудени лица оставени без лекар, без лекови и затворски амбуланти без соодветна медицинска опрема е состојба за која канцеларијата на Народниот правобранител укажува со години. Проблемот со лошиот и нефункционален систем на здравствена заштита во затворите деновиве повторно се актуелизираше, откако во рок од осум дена починаа двајца затвореници од затворот Идризово. Едниот почина во затворот, а неговото семејство тврди дека  во критичниот момент тој не добил медицинска помош и бил оставен да умре. Уште не е завршена истрагата за овој случај, а пред два дена на скопските клиники почина уште еден затвореник, кој боледувал од цироза.

Народниот правобранител Иџет Мемети по овие настани укажа дека трета година по ред не се применуваат новите законски прописи, кои со измените на Законот за извршување санкции од 2013, предвидуваат здравствената заштита во затворите да мине под надлежност на Министерството за здравство, поточно во јавното здравство кое треба да обезбеди примарно ниво на здравствена заштита.

“Во врска со последните настани, односно смртта на двајца затвореници, Народниот правобранител искажува крајна загриженост за молкот на институциите кон неговите забелешки, дека итно мора да се реформира здравствениот систем во затворите. Оваа забелешка е нотирана и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

На почетокот на годината, во Ургентниот центар во Скопје почина 29-годишно осудено лице, а лани во септември во Идризово почина 25-годишен осуденик. Во 2014 во септември во Идризово за две недели починаа тројца болни затвореници.

„Недозволиво, нечовечно и крајно нехумано е лицата кои се наоѓаат на издржување на затворска казна да бидат оставени без здравствена заштита, која им ја гарантираат и меѓународните конвенции, но и домашните закони“, народниот правобранител Иџет Мемети

„Недозволиво, нечовечно и крајно нехумано е лицата кои се наоѓаат на издржување на затворска казна да бидат оставени без здравствена заштита, која им ја гарантираат и меѓународните конвенции, но и домашните закони“, народниот правобранител Иџет Мемети

Летово пак, најголемиот затвор во земјава Идризово остана без лекар, бидејќи единствената лекарка која работи само во прва смена беше на боледување. Како што тогаш објави САКАМДАКАЖАМ.МК, дел од затворениците се пожалија дека нивните здравствено проблеми или не се решаваат или во краен случај се вика Брза помош, која ретко доаѓа. Народниот правобранител летово реагираше и на состојбата во женскиот оддел во Идризово, каде осуденички се пожалија дека терапијата не им ја дава медицинско лице, туку затвреничка осудена за шверц на кокаин и дека место цели апчиња им дели коктел од седативи.

“Состојбата со здравствената грижа во затворите е алармантна. Ако порано можевме да зборуваме за постоење на некаков систем на здравствена заштита, сега слободно можеме да кажаме дека тој не постои. Недозволиво, нечовечно и крајно нехумано е лицата кои се наоѓаат на издржување на затворска казна да бидат оставени без здравствена заштита, која им ја гарантираат и меѓународните конвенции, но и домашните закони. Институциите мора итно да ги имплементираат измените на Законот за извршување на санкциите, донесени 2013 година, бидејќи неспроведувањето на реформите никако не смее да се плаќа со човечки животи“, вели Народниот правобранител Иџет Mемети.

САКАМДАКАЖАМ.МК  ги праша Министерството за здравство, Министерството за правда, Фондот за здравствено осигурување и Управата за извршување на санкции зошто три години не се применуваат законските измени и кога тоа ќе се случи. Одговорноста за неспроведување на законските одредби, кои требало да се применат 30 дена по нивното донесување, надлежните институции си ја префрлаат едни на други и велат дека во тек се подготовките за нивна примена.

УПРАВАТА ЗА ИЗВРШУВАЊЕ САНКЦИИ НЕ КАЖУВА КОЛКУ ЛЕКАРИ СЕ ГРИЖАТ ЗА ЗАТВОРЕНИЦИТЕ

Фото: Ѓ. Личовски

архивска фотографија – Фото: Ѓ. Личовски

Управата за извршување на санкции не одговори колку вкупно осудени лица има во затворите во земјава во моментов и колку лекари се вработени во затворите. Лидија Гаврилова, директорка на Управата за извршување санкции, во неколку наврати рече дека работат на тоа да ги добиеме бараните одговори, но дека во моментов се многу зафатени и дека не може да каже кога тоа ќе се случи.

Според годишниот извештај на Управата за извршување санкции за 2014, во казненопоправните установи во земјава, заклучно со 31.12.2014, биле вработени 21 лице во секторот здравствена заштита, од кои 8 со основно образование, едно лице со вишо и 12 лица со високо образование. Според овој извештај, до крајот на 2014 во затворите низ земјава на издржување казна затвор имало 3.016 лица.

Во Националната стратегија на пенитенцијарниот систем 2015-2019 година на Министерството за правда стои дека заклучно со 30.06.2014 во затворите во Македонија се ангажирани 22 лица во секторот здравствена заштита, односно 6 лица во затворот Идризово, 4 во затворот во Штип, едно лице во затворот од отворен тип во Струга, 5 во затворот Скопје, по две лица во затворите во Тетово и Битола, и по едно лице во затворот во Прилеп и во воспитно-поправниот дом во Тетово. Според податоците од Стратегијата, во овој период во затворите во Струмица, Гевгелија, Охрид и Куманово со отворено одделение во Крива Паланка нема вработени во секторот здравствена заштита.

Според податоците со кои располага канцеларијата на Народниот правобранител заклучно со јуни и јули годинава, во затворите во Струмица, Куманово, Охрид и Гевгелија нема вработен лекар, а во затворот  во Струга лекарот работи со договор.

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари