Македонскиот доктор Иво Бошкоски, кој работи како гастроентеролог и ендоскопист на „Џемели“, еден од најголемите онколошки и научно-истражувачки центри во Италија, неодамна, заедно со уште четворица колеги беше во фокусот на италијанските медиуми оти извршиле ретка интервенција. Д-р Бошкоски работи на Универзитетската поликлиника „Агостино Џемели“ и на ИХУ и ИРЦАД во Стразбур, и во раговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека станува збор за болница во која се лечат папите.
„Папата Јован Павле Втори ја викаше болницата Ватикан 3“, вели д-р Бошкоски.
Роден е во Тетово, каде завршил гимназија, а на Медицинскиот факултет во Скопје се запишал во 1999. На втора година од студирањето, решил да ги продолжи студиите во Перуџа, Италија, а во 2005 дипломирал. Аплицирал за специјализација во Рим на Кампус Био-Медико и на Католичкиот универзитет во Рим кај професор Гвидо Костања, и со многу напор и спремање успеал да влезе.
„’Џемели’ е болница со огромни размери, и ги има скоро сите медицински гранки. Центарот за ендоскопија кај што работам е еден од најголемите на светот со 22.000 ендоскопии на годишно ниво, а е и едукациски центар“, ни рече тој.
Неодамна во италијанските медиуми се објави веста за ретка интервенција, а во тимот од петмина лекари е и д-р Бошкоски. Станува збор за хибридна интервенција (ендоскописти – радиолози) на пациент со две трансплантации на црн дроб и стеноза (затворање) на комуникацијата помеѓу жолчните патишта на донорот и примателот.
„Вообичаено, овој тип на стенози се отвораат со ЕРЦП (ендоскопска ретроградна холангио-панкреатографија), но во овој случај не минуваше ниту контрастно средство, а не успеавме да ја поминеме стенозата ниту со холангиоскоп (директна ендоскопска визуeлизација на жолчните патишта и ендоскопски и перкутано. Затоа се одлучивме за магнетна анастомоза“, вели д-р Бошкоски.
„Станува збор за техника со која се вметнува еден магнет преку црниот дроб (перкутано) и еден преку ЕРЦП (ендоскопски). Двата магнети се приближуваат и така се отвора патот. Магнетите јас лично ги скицирав и ги нарачав од фабрика од Милано. Тие се од неодимиум, обложени со никел, цилиндрични и со канал од 0.33 инчи. Откако се отвори патот, поставивме неколку пластични протези за да се одржи отворен жолчниот канал“, ни рече д-р Бошкоски.
Италија е една од најпогодените земји од КОВИД-19 во Европа, а докторот вели дека ситуацијата во моментов е далеку подобра во споредба со почетокот.
„Водевме неверојатна борба! Во Италија до сега се починати 160 лекари и многу медицински сестри и друг здравствен персонал. Ситуацијата навистина беше драматична. Ние бевме во првите редови“, вели докторот.
За среќа, вели тој, цела Италија беше затворена од 7 март, и конечно на 4 мај имаше делумно отворање и сега се оди по степени. Тој додава дека е навистина горд за начинот на кој тие како лекари се справиле со кризата и горд е на македонските колеги.
„Станува збор за навистина опасен и многу лесно пренослив вирус. Во моментов немаме специфичен лек ниту пак вакцина, и единствено нешто што можеме да правиме е да држиме дистанца едни од други и да носиме маски. Ова се неколку сценарија: нов и ефикасен лек, вакцина, спонтана имунизација (што во моментов е скоро невозможно) или спонтано исчезнување на вирусот“, вели д-р Бошкоски.
Б. НЕСТОРОСКА