ДРЖАВАТА ГО ОСТАВИ ОХРИД САМ ДА СЕ БОРИ СО ДИВОГРАДБИТЕ, А СИТЕ СЕ ФАЛАТ СО УНЕСКО

    ДРЖАВАТА ГО ОСТАВИ ОХРИД САМ ДА СЕ БОРИ СО ДИВОГРАДБИТЕ, А СИТЕ СЕ ФАЛАТ СО УНЕСКООд 409 дивоградби во линија од 50 метри од Езерото, 15 се хотели или делови од хотелски комплекси кои се граделе, уредувале, адаптирале или надградувале, 37 се викендици, семејни и индивидуални куќи, 14 се згради 191 урбана опрема на кафулиња и ресторани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Охрид сè уште е град на УНЕСКО, но со регистрирани 1.097 дивоградби, од кои 409 се во заштитениот појас на Езерото, се најде на листата на светско наследство во опасност што го доведува во прашање статусот – град на УНЕСКО. Откако Комитетот на УНЕСКО на седницата одржана на 5 јуни годинава во Баку, Азербејџан ѝ даде рок на Општина Охрид до февруари наредната година да ги урне дивоградбите и да прогласи мораториум на секакви урбани трансформации, беше усвоен Акциски план за постапување по препораките.

    Четири месеци по ултиматумот на УНЕСКО, на терен се забележува отстранување само на дивите платформи на кафулињата кои се изградени во езерото. Симболот на урбаното дивеење, хотелот во Лагадин, за кој инвеститорот има прекршено 19 закони, стои нечепнат. Има решение за уривање, но не се постапува бидејќи сопственикот поднесел тужба до Управен суд, во која ја спори одлуката со која му беше поништено одобрението за градба.

    Платформата на кафулето „Аквариус“ беше една од првите кои беа отстранети од сопствениците на локалот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Регистарот на бесправно изградени објекти во заштитеното подрачје на Езерото, покажува дека во Охрид со години се градело на диво. Нелегално никнувале секакви објекти – од хотели, семејни куќи, викендички, па до настрешници, скалила и огради. Од 409 дивоградби во линија од 50 метри од Езерото, 15 се хотели или делови од хотелски комплекси кои се граделе, уредувале, адаптирале или надградувале без одобрение за градба од Општината. Во заштитениот појас на брегот дигнати се и 37 викендички, семејни и индивидуални куќи и 14 згради со станови. Останатите дивоградби во заштитеното подрачје се настрешници, гаражи, тераси, скали, бетонски ѕидови, огради, прозорци…

    Терасите на кафулињата и шанковите на плажите се најбројни во листата на дивоградби и издадени решенија за уривање. Во Регистарот има 191 објекти кои нелегално поставиле урбана опрема, почнувајќи од центарот на градот и кејот, па долж плажите сè до Свети Наум. Во делот на урбана опрема влегуваат летни тераси кои станале затворени објекти, шанкови на плажите кои прераснале во објекти и платформите изградени во езерото.

    Хотелот во Лагадин кој е симбол на урбаното дивеење уште не се урива оти сопственикот поднел тужба до Управен суд. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Само уривањето на платформите во Езерото е она што во моментов може да се забележи во Охрид, како акција во борбата против дивеењето и остварување на препораките на УНЕСКО. Општина Охрид е оставена сама да се справува со проблемот, без помош од институциите и органите од централната власт и токму тоа според градоначалникот Константин Георгиески е најголемиот проблем.

    „Голем дел од платформите сопствениците си ги отстранија сами, меѓутоа имаме уште многу работа во борбата со дивите градби и тој процес воопшто нема да биде брз, лесен и едноставен. Потребна е помош од сите институции, пред сè од Државниот градежен инспекторат, којшто на голем дел од територијата на Охрид има ингеренции. Но, за жал Државен градежен инспекторат во земјава не постои. Јас сум се сретнал со директорот, побарав помош, но ништо. Како Општина немаме ресурси, ниту финансии сами да се справиме со еден таков сложен процес. Направивме ребаланс на буџетот, предвидовме уште 2 милиони денари, но за една сериозна и здрава борба со урбанистичкиот хаос треба здружени напори на сите чинители“, вели Георгиески.

    „Имаме уште многу работа во борбата со дивите градби и тој процес воопшто нема да биде брз, лесен и едноставен. Потребна е помош од сите институции, пред сè од Државниот градежен инспекторат“, вели градоначалникот Георгиески. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Георгиески барал совет и од албанскиот премиер Еди Рама, прашувајќи го како се справиле со дивите кафеани, ресторани и објекти во Подградец, од другата страна на езерото. Рама му одговорил дека Општината таа акција не може сама да ја изведе туку треба зад неа да застане државата и полицијата.

    Георгиески вели дека акцијата за уривање почнала од платформите, затоа што една од препораките на УНЕСКО е да се стопира и да се делува против урбана трансформација на крајбрежјето. Но, тврди дека и објектите кои се изградени во заштитената зона ќе се уриваат. Им дале рок на сопствениците тоа самите да го сторат. Општинските инспектори ќе излезат на терен да проверат дали се постапува по решенијата, а доколку биде констатирано дека не се постапува, Општината ќе ја преземе работата во свои раце.

    Уривањето на платформите во Езерото е она што во моментов може да се забележи во Охрид, како акција во борбата против дивеењето и остварување на препораките на УНЕСКО.(Фото: Ѓ. Личовски)

    „Имаме неколку, да речам поочебијни објекти кои се симбол на урбанистички хаос и безвластие – тоа е хотелот во Лагадин и бетонската база на патот за Струга. За хотелот во Лагадин јас го поништив решението, па сопственикот се жалеше на Второстепена комисија, од каде го потврдија моето решение за ништовност на одобрението за градба. На тоа решение сопственикот има право на тужба на суд и поднесе тужба до Управен суд. Постапката е стопирана додека не добиеме решение од Управен суд и таа да стане правосилна. Точно е дека јас може да го урнам, но ако утре добие на суд може да ја тужи Општината и да плаќаме оштети и да се повтори случајот ’Космос‘. Затоа ќе чекаме сите процеси да завршат, па ќе се пристапи кон уривање“, вели Георгиески.

    Проблем за Георгиески за справување со дивоградбите кои не се во заштитеното подрачје во Охрид е Законот за легализација на дивоградбите. Има објекти кои се дивоградби, а се заштитени бидејќи поднеле барање за легализација, а според законот додека трае постапката не може да се урива.

    „Државата сака сериозна битка со дивоградбите, а спремаат нов закон за легализација на дивоградби. Мене ме тераат да рушам, а другите легализираат. Ако Охрид е изземен од новиот закон, тој може да падне на Уставен суд, со преставка на граѓани дека се дискриминирани“, вели Георгиески.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира