ГАЗДИТЕ НА ОБЈЕКТОТ КАДЕ Е СМЕСТЕНАТА ФИРМАТА „СГС“ БАРААТ УКИНУВАЊЕ НА ПЛАНОТ СО КОЈ ОПШТИНА ЦЕНТАР ИМ ЈА ИЗБРИША МАРКИЦАТА ЗА ОСУМКАТНИЦА

    ГАЗДИТЕ НА ОБЈЕКТОТ КАДЕ Е СМЕСТЕНАТА ФИРМАТА „СГС“ БАРААТ УКИНУВАЊЕ НА ПЛАНОТ СО КОЈ ОПШТИНА ЦЕНТАР ИМ ЈА ИЗБРИША МАРКИЦАТА ЗА ОСУМКАТНИЦАСо зголемување на висината и изградба на зградата, на станарите од соседните две згради ќе им бидат затворени прозорците. - Објектот каде што треба да никне уште една 8 - катница. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Фирмата „ССИ Инвестмент“ бара да биде поништен ревидираниот Детален урбанистички план „Даре Џамбаз“, кој Општина Центар го донесе во јуни годинава. Еден месец по донесување на измените на планот, со кои се намалува катноста на зграда на улицата 11 Октомври, каде што сега е сместена фирмата за обезбедување „СГС“, Друштвото за градежништво „ССИ Инвестмент“ ДООЕЛ Скопје, поднесува иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на планот.

    Овој план го опфаќа простор спроти „Кјуби“, зад зградите каде што порано се наоѓаше „Интеримпекс“ и околу основното училиште „Димитар Миладинов“. – (Фото: СДК.МК)

    Во јуни годинава Општина Центар во рамките на мораториумот за градба, односно донесување нови детални урбанистички планови, со кои се исправаат грешките и маркичките вцртани додека на власт беа ВМРО-ДПМНЕ, донесе нов план за градската четврт И 04 „Даре Џамбаз“. Овој план го опфаќа простор спроти „Кјуби“, зад зградите каде што порано се наоѓаше „Интеримпекс“ и околу основното училиште „Димитар Миладинов“.

    Со измените на овој ДУП донесени на 6 август 2012 година кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ се предвидува зголемување на катноста за плус 6 ката на зградата каде што е сместена фирмата за обезбедување „СГС“. Овој објект е во сопственост на градежната фирма „ССИ Инвестмент“. Станува збор за делот кој сега има два ката и се наоѓа меѓу две згради. Со планот се овозможувало и овој објект да ја добие висината на двете згради кои се наоѓаат и буквално се залепени до него. Со зголемување на висината и изградба на зградата на станарите од соседните две згради ќе им бидат затворени прозорците.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели ако Уставниот суд го поништи планот паѓа во вода цел процес на мораториум и борбата против лошите планови кои ги донесе ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: Ѓ.Личовски)

    На овој потег се наоѓаат три згради со висина од 8 ката, а меѓу нив објекти за деловни простории на два ката. Со стариот план исто така се предвидуваше во паркот зад зградите да се гради катна гаража.

    Општина Центар ваквиот план го ревидираше и ја избриша маркичката за 8 ката за оваа зграда и ја врати на постојната состојба приземје плус два ката. Исто така беше избришана и маркичката за катна гаража во зеленилото.

    Еден месец откако новиот план беше објавен, фирмата „ССИ Инвестмент“ поднесува иницијатива за негово оспорување до Уставен суд, со образложение за стекнато право односно дека не може да се намали нешто што претходно било стекнато право.

    „Во јули до Уставниот суд поднесена е иницијатива за оценување на уставноста на Деталниот урбанистички план „Даре Џамбаз“ од управителот на Друштвото за градежништво „ССИ Инвестмент“ ДООЕЛ. Сѐ уште не е закажана седница на уставните судии на кои треба да се одлучи дали ќе се оценува уставноста на овој план“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од  Уставен суд.

    Во објектот веќе неколку години е сместена фирмата за обезбедување „СГС“ (Фото: Ѓ,Личовски-

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека до Општината  е стигнато известување од Уставен суд и побаран е одговор за постапките на измена на планот.

    „Доставивме податоци до Уставен суд зашто како Комисија и Општина сме одлучиле дека таму не треба да има објект од 8 ката. Меѓу другото наведовме дека со стариот план не може да се реши паркирањето, не може да се задоволат новите параметри со Законот за градење и се нарушува правото за хумано живеење. Од двете стани на згради меѓу кои се наоѓа објектот има прозорци, замислете да им дигнете на луѓето толкава зграда и да им ги затворите прозорците“, вели Богдановиќ.

    Со Деталниот урбанистички план „Даре Џамбаз“ избришана е маркичката за осумкатница и катна гаража во зеленилото. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Доколку Уставниот суд одлучи да го оценува планот и донесе одлука за негово поништување според Богдановиќ целиот процес на мораториум кој го спроведуваат со цел да ги поправат грешките на минатата власт ќе падне во вода.

    „Ние сме подготвени да го браниме планот пред уставните судии. Доколку оценат дека треба да се оценува планот и да се поништи, тоа би било директно мешање во ингеренциите на Општината. Сѐ што сакаме да исправиме, сите грешки кои сакаме да ги корегираме, сѐ ќе падне во вода. После секој ќе може да се повика на таа пресуда и да ни ги оспорува планови. Џабе ни е мораториумот“, вели Богдановиќ.

    Планот „Даре Џамбаз“ беше трет ревидиран план кој го донесе Општина Центар по воведување на Одлука за стопирање на градбите предвидени во детално урбанистичките планови кои не се усогласени со генералниот урбанистички план на Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари