ПЕЧУРКАТА ВО ВЕЛЕШКО РОДИ БОГАТО ПО ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ, ПА ЦЕНАТА ПАДНА

    ПЕЧУРКАТА ВО ВЕЛЕШКО РОДИ БОГАТО ПО ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ, ПА ЦЕНАТА ПАДНАЦели семејства берачи го окупираа регионот на Азот, село Лисиче, околу Ветерско, Рудник, Јаболчиште, Јасеново, Габровник, Ораов дол, таму каде има дабова шума, каде печурката има незапамтен род поради обилните дождови. (Фото: СДК.МК)

    Деновиве, печурките богато родија по велешките планини. Берачите една седмица неуморно се на терен да соберат што повеќе род. Се оди од рано утро, до зајдисонце. Се користи секој момент за да се собере што поголемо количество. Така е по минатонеделните изобилни врнежи, по кои како во народната поговорка, родот се појави „како печурки после дожд“. Ги има во регионот на Азот, село Лисиче, околу Ветерско, Рудник, Јаболчиште, Јасеново, Габровник, Ораов дол, таму каде има дабова шума.

    „Големите количества дожд кои паднаа минатата седмица, создадоа голем род на печурки. Обилните врнежи, погодните температури, влијаеја на богатиот род. Доаѓаат цели семејства, огромен број луѓе. Се бере вргањ, кој не помнам дека го имал во толкави количества како сега. Но за некој ден, со овие високи температури, ќе падне квалитетот на печурката и ќе нема откуп“, вели Ристо Димов, велешанец кој секоја година бере печурки.

    „Планината ја наполнија со ѓубре печуркарите што доаѓаат да берат“, велат жителите на селата во чија околина се бере печурката, а планинарите апелираат при бербата печурката да не се корне туку да се сече и да се става во кошница, не во вреќи. (Фото: СДК.МК)

    Но ако печурката годинава ја има, цената паѓа. Ако пред десетина дена, кога печурката ја немало се откупувала за 170 денари за кило, сега е 100 денари. Но, некои откупувачи го прекинале откупот. И велешани и жителите од околните села масовно се по берење на печурки. Некои дневно можат да заработат и по 10 илјади денари. Изминатите денови, посебно викендот, бројни семејства биле по блиските планини, на берба. И од Богомила, Теово, Согле, луѓе со вреќи, со ранци, неуморно шетаат за да соберат што повеќе печурки.

    „Некои откупувачи немаат капацитет за да го преработат големото количество што секојдневно се откупува. Толку многу печурка има, се бере дневно со тони. И некои откупни центри прекинаа, на други места печурката се откупува за 70 денари, што е многу ниска цена“, вели Никола Пановски, берач на печурки.

    Музафер Бајазитов е еден од поголемите откупувачи на печурки во велешко, кој со оваа дејност се занимава од 1980.

    „Годинава има богат род, што придонесе голем број лица да берат печурки. За жал откупната цена е ниска. Памтиме години кога таа беше далеку повисока, но годинава е така. Кога има голем род, има ниска цена“,  вели тој.

    Во понеделникот, од велешкото шумско стопанство „Бабуна“ биле на терен, по околните планини, за да проверат дали берачите поседуваат дозвола за берење шумски плодови.

    „Имаме издадено мал број дозволи. Сретнавме илјада луѓе во тој период од неколку часови, како берат печурки. Масовно се бере, само стотина лица имаа дозвола, останатите не. Не ни е целта да казнуваме, досега немаме пишано ниту една прекршочна или кривична пријава. А една дозвола чини 400 денари, за територија на цела држава. Одѕивот за издавање дозвола во Велешко е мал и незначителен. Нашата служба е на терен и ја следи состојбата и берачите“, вели Љубенка Попова, директорка на Подрачната единца на Шумското стопанство „Бабуна“ – Велес.

    Печурката се сече, не се корне, се чува во кошница не во вреќа, потенцира велешанецот Борче Гајдов, поранешен планинар, кој апелира до берачите на печурки, како да постапуваат.

    „Не можеме, не смееме да ја оставиме природата на немилост на лица кои мислат само за себе. Нестручно се бере печурката. Се рекло носи пари и сите ајде на берење, а немаат основни познавања. Печурката не се корне, се сече со нож, се складира во кошница, а никако во вреќи како што некои работат. Сметката ја плаќа природата ама и ние со неа“, вели Гајдов, кој како голем љубител на планините по нив се движи од 1959 година.

    Во прилог на оваа негова реакција се и апелите од жителите на селата, во чија околина се бере печурката.

    П. ПЕЧКОВ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира