НЕМАМЕ УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ НА СКОПЈЕ ТУКУ НА ДЕСЕТТЕ ОПШТИНИ И ЗАТОА ЌЕ БАРАМ ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

НЕМАМЕ УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ НА СКОПЈЕ ТУКУ НА ДЕСЕТТЕ ОПШТИНИ И ЗАТОА ЌЕ БАРАМ ДА СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВНа трибината која ја организираше дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, на тема „Граѓанска зелена моќ – влијанието на граѓаните врз зачувување на јавниот интерес при урбанистичкото планирање“, Шилегов кажа дека поради тоа што нема централизирано урбанистичко планирање и урбанистичка политика на Град Скопје, неповратно уништени се делови од градот како Кисела Вода, Дебар Маало, Карпош, Аеродром.(Фото: СДК.МК)

Урбанистичкото планирање во моментов не генерира развивање на град туку развивање на енклави на десетте скопски општини, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Токму поради тоа, вели дека после изборите ќе иницира промена на Законот за Град Скопје за да се централизира урбанистичкото планирање и начинот на финансирање на општините.

На трибината која ја организираше дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК на тема „Граѓанска зелена моќ – влијанието на граѓаните врз зачувување на јавниот интерес при урбанистичкото планирање“, Шилегов кажа дека поради тоа што нема централизирано урбанистичко планирање и урбанистичка политика на Град Скопје, неповратно се уништени делови од градот како Кисела Вода, Дебар Маало, Карпош, Аеродром.

„Првата рак рана на Скопје е што немаме централизирано урбанистичко планирање. Втората е што концептот на локални самоуправи е направен така што, голем дел од финансирањето за функционирањето на општините се базира на комуналиите, некаде околу 48 отсто во просек. Во такви услови во Скопје ни се случува секоја општина сама за себе да креира развој на определена површина, со крајна цел да можат да ги исполнуваат обврските за кои се основани“, вели Шилегов.

Со сегашните законски решенија, смета Шилегов, имаме една апсурдна ситуација што може да се случи во градот и тој како градоначалник на Скопје ништо не може да направи.

„На пример ако ја земаме како граница меѓу двете општини улицата Рузвелтова, Општина Центар од едната страна на улицата може да нацрта трговски центар, а од другата страна да добиете уште еден трговски центар од Општина Капрош. Тое е апсурд сам по себе. Јас како градоначалник сметам дека градот треба да се развива, но не онаму каде што бил развиен, туку во северниот дел, што многумина го избегнуваат. Затоа, откако сум градоначалник сериозно инвестираме во изградба на инфраструктура во тој дел“, рече Шилегов.

Жанета Трајкоска директорка на Институтот за комуникациски студии на трибината кажа дека изминативе 20 години интересот на граѓаните и јавниот интерес не бил централен при урбанистичкото планирање.

„Кој и да дојде на власт се покрива со закони, правилници согласно потребите или интересите на таа васт или одредени центри на моќ. Клиентелизмот кај нас, за жал, е многу сериозен и тоа се гледа и во урбанистичкото планирање. Во оваа фаза кога верувам дека на оваа власт ѝ е многу тешко да направи нешто кога штетата веќе е направена, треба да се обидеме да дефинираме што е јавниот интерес и во каков град сакаме да живееме. Како сакаме да изгледа Скопје, дали сакаме да носиме дополнителен сообраќај во центарот на градот. Кога одиме во Љубљана или Загреб се воодушевуваме што нема сообраќај во центарот на градот, што има зеленило и дрвја, а кога се враќаме тука тоа се заборава“, кажа Трајкоска.

Претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски вели дека споредбите кои ги прават граѓаните и граѓанските активисти со Љубљана, се несоодветни бидејќи не кажуваат дека данокот на имот во Љубљана е многу голем, за разлика од кај нас.

„Како јавност бараме паркови, подобар град, правиме споредби со Љубљана. Ако сакаме одредени промени за кои се споредуваме на пример со Љубљана, треба да зборува и за зголемување на данок на имот. Тоа нема ниту еден политичар да го каже, но очекувам невладиниот сектор да го каже. Ако мавтаме со сакам парк и не кажеме колку ќе чини тој, тогаш секој ќе сака парк. Но, ако кажеме дека за да се направи тој парк ќе требаат 20 милиони евра пари на граѓаните, тогаш  ќе размислам дали сакам парк“, рече Пановски.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира