1 За разлика од сите досегашни „историски шанси“ што ме правеа еуфоричен, оваа последнава „историска шанса“ што ни ја дава Европската унија со „францускиот предлог“ ја примам со малодушност. Ми се чини дека и да бидне таа фамозна прва меѓувладина конференција, немам сила да се радувам. Изгорени сме. И изморени. Истоштени и измрцварени.
Намалете со возбуда. Историска шанса за што? За себеукинување?
Оставете нè да бидеме сомничави и тоа јавно да го кажеме. Може ли да ѝ се верува на Европската унија? Дали Европската унија со својот интегритет и големина, ама и со својата политика „еден за сите, сите за никаде“ е кадарна да биде гарант на овој договор како што САД беа гарант со условот за влез во НАТО по потпишувањето на Преспанскиот договор? Еве, ќе го смениме Уставот и ќе ги внесеме Бугарите во него. Ама дали ЕУ е кадарна да спречи натамошно изживување на Бугарија врз Македонија и откако тоа ќе го направиме? Па, на пример, кога ќе дојдеме до поглавјето за царина, Бугарија да се наврати што напишал некој на Фејсбук, а Европската комисија тоа ќе го преразгледува. И така секоја година, еднаш годишно до недоглед.
Правото на сомнеж е легитимно затоа што Европската унија ги легитимизираше примитивните барања на една земја-членка. Дотолку повеќе што тие примитивни теми ги наметна земја која ни беше фашистички окупатор, а во последниве три години ги извади од дното на душата најниските пориви на непријателство кон Македонците и уживање во понижувањето што ни го прави. Па нели бре, пратеници во бугарскиот парламент распнаа плакати со „Македонија е Бугарија“. Не се тоа некои луѓе на Фејсбук. Пратеници се, изгласани на избори. Европејци што утре ќе ни го мониторираат говорот на омраза.
Да, да… Секаде има будали. Ама кога во руската Дума некој би извадил лист на кој пишува „Украина е Русија“, европските партнери на Бугарија ќе се згрозени. Но, кога тоа се прави во Народното Собрание на нивната Бугарија, не им се дочитува што пишува. Или, како што рече бугарскиот претседател Румен Радев во Берлин на 16 мај, „не треба да дозволиме легитимација на македонизмот во Европската унија“. Има разлика меѓу неговите изјави и изјавите на Путин дека Украина е измислена држава, а Украинците се Руси.
Дали нашава власт побарала гаранција од другите земји-членки на ЕУ дека во иднина нема да бидат соучесници на блокирањето од Бугарија? Оти, кога веќе ѝ успеа да го наметне својот наратив во ЕУ, Бугарија ќе си најде 101 оправдание да нè блокира бескрајно дури и ако во оваа секунда го смениме Уставот. Видовме дека ЕУ не може да даде такви гаранции. А се сомневам и дека сака.
2 Кога сме веќе кај исторските шанси и ветувањата од ЕУ, еве едно потсетување:
На 9 април 2001, министерката за надворешни работи на Шведска, покојната Ана Линд, во својство на тогашен претседавач со ЕУ при потпишувањето на Договорот за асоцијација и стабилизација со Македонија изјави: „Денешниот договор отвора една нова врата за можности, отвора можности за нова соработка со Европа и во неа, меѓутоа, сега доаѓа тешката работа. Ние сме тука да ви помогнеме во вашите напори, иднината е во ваши раце и во рацете на сите граѓани на Република Македонија. Добре дојдовте во нашето проширено семејство“.
Ана Линд не дочека да ја види Македонија во „проширеното семејство“. Децата што се родени кога Ана Линд ја даваше оваа изјава денеска се веќе полнолетни дури и по американски стандарди. Некои од нив веќе се иселени во нејзината Шведска со бугарски пасоши, со пријавено живеалиште на бандера во Ќустендил. Она „добредојдовте во нашето проширено семејство“ излезе „Ај сега чекајте во ходник“. Еве, веќе втора генерација Македонци не може да стане дел од „проширеното семејство“.
Илузијата за Европа заврши кога таман се добравме до вратата, ни ја треснаа пред нос и ни рекоа „Извинете, ама Македонци не примаме во семејството“.
Триесет години ние се будиме и си легнуваме со митот за Европската унија. Мечтаеме за семејството во кое би се чувствувале побезбедни, но и во кое би ни се почитувало правото на самоопределување. Во тоа семејство, нели, човековите права и владеењето на законите се најважни, а почитувањето на различностите е светиња. Уште од градинка ги учиме децата да цртаат ѕвездички и сини знаменца оти нели и „Сонцето е ѕвезда“, од мали учат француски, германски, италијански затоа што тоа е иднината, кога ќе стасаат на факултет пишуваат есеи за прекрасната и безгрешна ЕУ. Во овие триесет години „напредок на патот кон ЕУ“ децата пораснаа, па еве веќе и магистрираат и докторираат на европски прашања, учат за реформи според ЕУ стандарди, одат по работилници, по советувања…
Триесет години учевме за ЕУ. И што научивме? Дека како Македонци не може во ЕУ.
Извинете, ама ова не е напредок кон ЕУ. Оти на крајот излезе дека никаков напредок не е важен, освен еден – да не бидеш Македонец. Односно, во случајов, да бидеш Бугарин.
3 Во 1992 година, тогашната Европска заедница со една Лисабонска декларација одлучи дека нема да признае држава која во своето име го има зборот Македонија. После ѝ дојде редот на Велика Британија да претседава, па со помош на САД успеаја досието „Македонија“ од Европската заедница да го преселат во Њујорк и да нè внесат во Обединетите нации. Нашиот сомнеж во ЕУ е уште од таа „историска шанса“.
Дозволете ми да пренесам дел од колумната „Сакам да кажам“ што сум ја објавил на 3 октомври 1992 во весникот „Вечер“.
Во соопштението од разговорите на министерот Малески со функционерите на ЕЗ во Брисел, за проблемите што настанаа околу текстот на уредбата во која се бара употреба на терминот бивша југословенска република, стои дека „од македонска страна е најавено поведување постапка за измена на спорните термини од актот на Заедницата”. Тоа значи, дактилографките во Министерството за односи со странство и во Кабинетот на претседателот добро да се подготват. Следи нова пратка на многу писма.
Бидејќи министерот ни најави дека таа постапка може да потрае подолго време, остануваме осудени единствениот излез кон светот да ни биде Деве Баир.
А деновиве убаво се виде: Нема аир од Деве Баир.
Можеби помладите генерации можат Европската унија да ја сфатат без да се обременети со фрустрации. Јас не можам. Тоа „подолго време“ од 1992 стана предолго за еден живот.
Ете. И во 1992 година немало аир од Деве Баир.
Нама аир од Деве Баир ни во 2022.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST