БАШ МАКЕДОНЧИЊА

Каде сте, кај забегавте?

БАШ МАКЕДОНЧИЊА

1 Предизборната кампања за  локалните избори на ВМРО-ДПМНЕ треба да почне со голем хепенинг пред споменикот на македонските бегалци од граѓанската војна во Грција во 1948 година. Пред оној споменик што на градот Скопје му го донираше Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради, во кое чинам беше и таткото на тогашниот премиер Никола Груевски, лидерот на партијата која сега изгласува референдуми по градовите дека не сака да прима мигранти.

Бабите и дедовците на овие што сега си ги плашат сограѓаните од бегалци што ги нема, им благодарат на инцијативата за референдумите на своите потомци. Сите оние раселени од егејскиот дел на Македонија во Албанија, насекаде низ бившата СФРЈ, во тогашна Чехословачка, Унгарија, Полска, во советските републики… А потоа, од таму и во САД, Канада и во Австралија. Потомците со еден потпис им се помочаа на нивните гробови.

Башка муабет е што во Македонија само 15 мигранти побарале азил. И само 40 луѓе седат во транзитните кампови во Гевгелија и Куманово, и тоа не по своја волја. Туку се нашле тука оти биле спречени да продолжат таму каде што тргнале. И башка муабет е што таа стратегија за мигранти, согласно меѓународни конвенции, ја донела баш Владата на Груевски, ама тогаш тоа не било тема.

Башка муабет е што и во оваа денешна слободна, демократска и просперитетна Македонија во секое семејство има барем по еден мигрант. Од гимназијата во која што учев, половина од класот се иселени по светот. Ај од тоа време. Ама каде се децата од одделенијата на нашите деца? А за 200.000 бугарски пасоши од времето на процутот на Македонија во времето на ВМРО-ДПМНЕ ич муабет да не правиме. И тие за мигрирање се земени. Кој како се снашол. Кој програмер, кој лекар, кој вози камиони низ Европа. Од убавини да не мигрирале?

Ама, па кој ти бара логика во лажни вести? Во лажни вести нема ни логика, а богами ни морал. И затоа Никола Груевски, откако  ги потроши дежурните баба роги со кои одеше на претходните избори, како што беа „името не го даваме“, „Албанците ќе ни ја земат државата“ и „Сорос е крив за сѐ“, сега ќе оди на локални избори со најцрна ксенофобија. Единствената вистина во лажната вест дека Македонија ќе ја преплават бегалци е дека конечно се разоткри фашизмот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски. И тие референдуми што сакаат да ги закажат на денот на локалните избори, нема да бидат изјаснување „за“  или „против“ мигранти, туку изјаснување „за“, или „против“ фашизмот на Груевски. Кој сега им го наметнува на своите поддржувачи само за да го спасат за да не оди в затвор.

2 И, кој ти бара логика во фактот дека од сите можни локални проблеми кои треба да бидат тема на изборни кампањи, ветувања и политички ангажман, кај нас изборна тема е глобален проблем. Кој во Македонија не ни постои. Освен ако не ги сметаме оние 40 бегалци заробени тука на патот кон Европа. Во демократска и просперитетна Македонија во 21 век, земја кандидатка за ЕУ и НАТО, имаме масовни труења од локални водоводи, се давиме во гомна, се гнасиме во ѓубре, цапаме во кал, сами си ги палиме шумите и депониите среде град, дишеме најзагаден воздух во светот, си ги уништуваме парковите за градежен профит… Ама сепак, најголем граѓански проблем се бегалците што ги нема.

Во вакви моменти се прашувам: Кои се овие луѓе со кои заедно живееме? И дали воопшто имаме заеднички вредности за нашата Македонија? Колку акал треба да немаш во главата за да поверуваш дека 5.000  бегалци ќе ти се населат во Кавадарци и ќе ти ја земат твојата работа?

Или, сепак не е до акалот. Туку е до ќарот. Ситен или крупен, не е важно. Важно – ќар е. И затоа ним Груевски им е супер. Затоа се прават глупави дека не слушнале ништо од бомбите и дека не знаат ни за „она на М“,  ни за „Миле ми текна“, ни за „да не е многу“, ни за ендеците, ни за „едно убиство не можеш да скриеш“, ни за „два-три шамари, ама јаки“, „го купив за џабалак“ и што сѐ друго не се изнаслушавме.

Таков им треба. Да ги поткупува со работни места на кои не треба да доаѓаат на работа, да им дава позиции за да можат и тие нешто да брцнат од медот, да им кажува како треба да живеат, што е убаво, а што грдо, со кого да се мажат, женат, колку деца треба да имаат, да бидат поблиску до Бога… Да ги има во неговото тефтерче. И да им смислува непријатели за да се плашат, а нему да му се благодарни дека ќе ги спаси. За да се чувствуваат дека нешто му должат.

Ама ова веќе не е идеологија. Особено не конзервативна. Ова е само гледање на личната комоција, со одбрана на апашлукот. Овојпат замотан со фашистичка одора.

3 Традиционално, на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ се пее најпознатата мигрантска песна: „Каде сте Македончиња, каде сте кај отидовте“.

Овој пат, кога ќе се промовира главната тема – битка против бегалците што ги нема, пред споменикот на бегалците од граѓанската војна во Грција, би можело оваа мигрантска песна да се отпее со малку изменети стихови. „Каде сте Македончиња? Каде сте кај забегавте?“

И тоа баш – Македончиња.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари