БУЛДОЖЕР ЗА „ИНСИЕМЕ“

Дали крадат во име на македонштината или во име на ЕУ интеграциите, исто ни се фаќа

БУЛДОЖЕР ЗА „ИНСИЕМЕ“

1 Ако на анкета за политичкото јавно мислење, на прашањето: „Која е личноста кон која сте најмногу наклонети“, 7 проценти од испитаниците одговорат со Никола Груевски, тоа е најголем доказ за поразот на СДСМ. А богами и за поразот на Христијан Мицкоски. Тие 7 проценти се супер слаб резултат за политички лидер, ама сепак се повеќе и од премиерот Димитар Ковачевски со 5 проценти наклонетост и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со 6 проценти, во анкетата што ја спроведе американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ).

Самиот процент е во рамките на статистичка грешка. Но, факт е дека по шест години откако не е на власт и четири години откако избега од земјава, името на Груевски уште се врзува со политичар кому вреди да му се биде наклонет – човекот што ја киднапираше државата на тој начин што нè ограби, што нè прислушуваше, што крадеше на избори, што уништуваше медиуми, што го зароби судството, ја присвои полицијата и тајните служби, ги приграби сите најдоходовни бизниси затворајќи туѓи бизниси, организираше оружен напад на Собранието и на крај, со парите што ги украде од нас избега во гепек и од Будимпешта ни се заблагодарува на довербата.

Кој воопшто ќе се сеќаваше на Груевски, кој воопшто ќе го есапеше дека воопшто постои, ако СДСМ во изминатите шест години обезбедеше поквалитетен живот? По шест години без Груевски, власта се цени по тоа колку ни обезбедила подобар живот, а не колку Груевски ни го расипал. Не само што не е сменет квалитетот на животот, не само што не успеаја да обезбедат подобро здравство, подобро образование, поефикасна јавна администрација, помала корупција, посредена држава, хумани услови за живеење во општините, помала партизираност, достапност до правда… Та бил договорот со Фронтекс, та не бил. Та му растел рејтингот на Ковачевски по 1,4 отсто месечно, та не му растел. Та корупцијата ја затскривале зад патриотизмот на „Едно име имаме“, та зад европејството на „Инсиеме“. Крадеш во име на македонштината или во име на ЕУ интеграциите, исто ти се фаќа.

Уште полошо е. Надежта ни ја убија.

2 Не е исто. Сега сме НАТО. Направивме жртва за да влеземе во НАТО и го сменивме името на државата. Ама што направи власта друго, освен тоа што шест години по Груевски уште ни се заканува дека ќе ни се врати – Груевски?

Новата жртва што се бара од нас е повторно да се смени Уставот и да се внесат Бугарите во Преамбулата, иако и тоа не е никаква гаранција дека Бугарија нема да го злоупотребува своето членство во ЕУ и до недоглед да нè блокира. Впрочем, со бугарското вето видовме дека дадениот збор не вреди, а ни темелните вредности и принципите врз кои се темели идејата за ЕУ си ги газат самите членки на ЕУ, па можеби никогаш и нема да влеземе во ЕУ.

Генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ-Вардарски, на минатонеделниот партиски митинг во „Борис Трајковски“  во Скопје рече дека „нема да има компромис за иднината“ и се закани: „Како булдожер ќе го згазиме секој што ќе се попречи на тој пат“.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се исти. Ако ништо друго, барем слободата на говор и на мисла не се ставени под менгеме како во времето на Груевски, кога се закануваа со фрлање во ендек. Се дише многу послободно. Но, слободата е релативна работа. Реториката од митингот во „Борис Трајковски“, поради кој беше блокирано половина Скопје, беше застрашувачка и потсети баш на времињата што сакаме да ги заборавиме.  Шлеперот на СДСМ во 1998 година не успеа да ја згази жабата, па сега на политичките противници ќе им праќаат булдожер.

3 Претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање во Собранието рече дека „нема да има правда додека на слобода се судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви“.

Не е баш така. Еве Катица Јанева не е на слобода. Специјалната обвинителка заврши во затвор, а најважните кои таа ги обвини или се на слобода, или им ќе им застарат делата.

Во идните учебници, за овој период од евроатлантската историја на Македонија децата ќе учат дека Македонците ѝ го сменија името на државата и ги внесоа Бугарите во Уставот за Сашо Мијалков да не оди во Идризово, а братучед му Никола Груевски да го анализира Фројд и творештвото на Кочо Рацин додека во Будимпешта сонува како ќе дојава на бел коњ под мадињата на Букефал на распаднатиот плоштад Македонија во Скопје.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира