1 Ај нека завршат избориве. Не само што ми е смачено од кампањава, туку некако веќе ми е срам да зборувам за ѓубрето низ Скопје. Ова, бре, излезе како некоја невозможна мисија, некоја научна фантастика да е процесот на собирање ѓубре од канти и контејнери. Како ли успеваат ѓубрето да го собираат во други земји каде што градоначалниците не се од истата партија од која што е премиерот? Кај нас, еве, цели дебати и анализи се прават на темата дали е можно ѓубре да се собере за 72 часа. Градоначалници ли бираме со визија за развој или директор на „Комуналец“?
Кај и да е, ќе го соберат ѓубрето од улиците околу контејнерите. Ама ѓубрето ќе остане по партиите.
Само што кабаетот не е во партиите. Ние граѓаните сме си криви. Што гледајќи го ѓубрето со коешто нѐ уценија, ја изгубивме моќта да препознаеме визија.
И баш ми е гајле за партиите. Гајле ми е за нас. Оти, тоа ѓубре останува и за следните избори. Тоа е кадарот што ние упорно и упорно го бираме, иако со секој изборен циклус станува сѐ полошо и полошо, а критериумите ни паѓаат.
Зарем не е наш пораз тоа што им допуштивме на партиите да нѐ убедат дека собирањето ѓубре е единственото нешто што треба да го очекуваме од нив?
2 Кај и да е, ќе поминат и тие фамозни 72 часа, па ќе заборавиме и на уцената со ѓубрето. Не знам дали имаат мака луѓето низ другите општини, ама кај нас во Скопје идат магливи денови, па ние ќе почнеме да се жалиме на загадувањето. Е, тоа не беше тема на овие локални избори. Па еден ден ќе заврне дожд, сите ќе излеземе со коли и ќе заглавиме со часови во сообраќај. И тоа не беше тема на овие локални избори. Сѐ додека еден ден сабајле не нѐ огрее сонце, за да заборавиме и на загадувањето и на сообраќајот, како што ќе заборавиме на ѓубрето.
Ама, кое ли сонце нѐ огреа за да го заборавиме Кочани? Останаа само роднините на загинатите деца да ја паметат таа трагедија.
Ние на овие избори не побаравме промена на политиките што доведоа до убиство на 63 млади луѓе. Не побаравме промени во урбанистичкото планирање, политиката кон дивоградбите, добивањето дозволи за градба и за пренамена на објекти, безбедносни системи, департизирани инспекциски служби, департизирана полиција, некорумпирани локални и централни власти…
Кога бараме чаре како да се спасиме од ѓубрето со кое сме затрупани, не се ни занесуваме дека од овие политичари можеме да бараме којзнае каков квалитет на живот. Ама барем да ни обезбедат пристојни услови за безбеден живот. Бидејќи тоа не им го бараме, нема зошто и да ни обезбедат слободни тротоари, чист воздух, депонии што не загадуваат, современи училишта, мирно соседство, контролирана бучава, кафеани чиишто оџаци не се свртени во спалните на комшиите, безбедни градилишта, слободен пристап до хидранти за гасење пожар, слободен пристап за Брзата помош, дискотеки од чиишто забави децата ќе ни се вратат дома живи и здрави…
На политичарите не им е рефлекс да ги сервисираат потребите на граѓаните, туку да си останат на власт со минимум напор и максимум личен ќар. И бидејќи ние, како граѓани, од нив не бараме да ни ги испорачаат ни основните услови за да останеме живи, зошто би очекувале да ни испорачаат нешто што не сме им го барале како гласачи што ги гласаат на избори?
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST



