РЕСЕТИРАЊЕ

Ако толку бил маестрален потегот на Груевски со оставките, зошто него направил и порано

    РЕСЕТИРАЊЕ

    1 Улогата на Американците во решавањето на политичката криза во Македонија ја објасни амбасадорот Џес Бејли со твитер порака: “Ја поздравувам изјавата на четворицата лидери. Ценам што ме поканија да ги гледам и одвај ја чекам следната средба”.
    Е па и ние со душа чекаме. Само не знам што чекаа и Американците толку долго. Можеа да се самопоканат и порано. Пред да дојде време за телеграми со сочувство.
    Ова сè што ни се случува, вклучувајќи го и Куманово, им доаѓа како потсетник за некои работи кои на времето фатиле да ги завршат, им останале незавршени, па извесно време ги подзаборавиле. Исто како дома. Ти тече некоја цевка, гледаш дека има опасност да поплави, ама си викаш, ај ќе ставам еден леѓен, ќе капе, нека се собира водата, па кога ќе имам време ќе ја средам. И ќе ти излезе друга работа, ќе заборавиш на проблемот. Кога, по извесно време гледаш дека леѓенот не врши работа. Сè е поплавено, мувлосало, почнал да се дига паркетот… Аааај… Брзо, гаси ја водата…
    Е така и ние им личиме на Американците. Како заборавен проблем, кој пак почна да прави беља. Попушти цевката. И како гости и набљудувачи сега пак викаат: “Дај да го решиме проблемов, додека не почнал да прави други проблеми”.

    2 Премиерот Никола Груевски рече дека минатата сабота и недела ги имал двата најтешки дена во животот. Зошто имаше потреба да ни го каже тоа на телевизија? За да го жалиме? И нам тие денови ни беа тешки. А имаме и многу други тешки денови. Ама кој нè прашува? И каде да се пожалиме?
    Сигурно нам, а верувам и на премиерот не ни било потешко отколку на полицајците што минатиот викенд гинеа во Куманово. Сигурно не ни е потешко отколку на семејствата на загинатите полицајци. Или на повредените полицајци? Или на оние жители на населбата во Куманово што, ни криви ни должни, ги изгубија куќите?
    Впрочем, кој очекува од премиерот да има лесни денови? Па тој е платен за своите тешки денови. И не само што е платен. Тој самиот се борел да дојде до таа позиција. И со години сериозно се бори за да ја задржи.
    Конечно, тој самиот има голема моќ да одлучува какви ќе му бидат деновите. И со таа моќ одлучува и нам какви ќе ни бидат деновите. Има разлика.

    3 Читам анализи на експерти дека оставките на министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и на директорот на тајната полиција Сашо Мијалков биле “моќен и вешт политички чекор на Груевски”. А биле “изненадувачки самоиницијативни”. Плус велат дека “овие политички потези се специјалност на Груевски”.
    Е па мора да е специјално. Ем тие самоиницијативно си дале оставка, ем тоа бил моќен чекор на Груевски. Тоа ти е исто како кога ВМРО-ДПМНЕ испраќа СМС пораки “Ве покануваме спонтано да се собереме. Присуството е задолжително”. Или како што американскиот амбасадор ја објаснува својата улога на лидерската средба: “Ви благодарам што прифативте да ме поканите да ви бидам гостин. И да ве посматрам”.
    Плус ако толку бил маестрален потегот на Груевски со оставките, како што велат експертите, зошто не го направил и порано.

    4 Слушајќи ги сечените, монтирани и лепени материјали што ги пушта Заев, открив сериозен пропуст во уредувачката политика на МТВ, Сител и на Канал 5. Како можеа така уредно секој ден да нè известуваат дека сме лидери во регионот, дека имаме најголем раст на БДП-то, дека сме најголеми реформатори во светот, дека имаме најсреќни деца во светот, дека имаме најголем раст во авиосообраќајот, најдобри услови за инвестирање, сме ликвидирале, најопасна терористичка група на Балканот, а пропуштиле да ни кажат дека сме имале и најубав “мерцедес” во Југоисточна Европа.
    Па и нашите деца нека се порадуваат малку. На убавата вест на екраните.

    5 На Македонија и` се случува феномен на размена на снимки. Едните за слушање, другите и за гледање и за слушање. И едните и другите предизвикуваат иста реакција. Како што би рекле од ВМРО-ДПМНЕ, се користи истиот наратив. Па така и онаа снимка со Заев на која се слуша дека едно евро треба да оди за црква, а друго кај Вицето, лидерот на СДСМ ја искоментира како извадена од контекст. Побара да биде пуштена во целост. Значи, да не биде сечена, монтирана и лепена.
    По снимките Македонија ќе биде побогата и со нови толкувања на исти појави. Тоа што едни го слушаат како рекет, други го толкуваат како донација. Тоа што за едни е провизија, за други е подарок.
    Едните снимки се стекнати со нелегално прислушување, а другите со посебни истражни мерки. Ама и во двата случаи, и двете страни се чудат: Каде е тука криминалот?

    6 А Марко Зврлески, државниот јавен обвинител, каде е? И многу ме интересира каде ги чуваат материјалите од посебните истражни мерки.
    На Јутјуб ги чуваат.

    7 Зоран Заев по секоја пуштена бомба изјавува: “Да не дозволиме ова зло да се повтори”. Е па нека памети што рекол. И нека си ја има на ум таа реченица на утрешниот протест. Да не се занесе многу, ако излезе многу народ. Оти ова не се протести за да дојде СДСМ на власт. Како што не се ни протести против ВМРО-ДПМНЕ. Ова се протести, затоа што ни е збоктисано од тоа некој што ќе добие мнозинство, постојано да се правда: “Тие така правеа, па и јас така ќе правам”. И да знае Заев дека ако се собере многу народ, тоа не се гласови за СДСМ. Тоа се гласови на сите што се против тие што мислат дека еднаш кога ќе се изгласани, ќе можат да прават што сакаат. А притоа не смееш ни да се пожалиш. Оти одбиваат да сослушаат ако сакаш нешто и да им кажеш. Зошто? Затоа што им се може. Оти нè контролираат по список. По семејства, по згради, по општини… Сè е во тефтерчето влезено. Па дури и кои демонстранти веднаш се судат за насилни протести од пред една недела, а кои не можат да се најдат и по две години истрага.
    На крајот на краиштата, ова се протести за ресетирање. Да се покаже дека тоа што мислиме поинаку не нè прави непријатели. Ова се протести за да станеме пак пријатели. Кој сака лево, кој сака десно, кој кај сака нека оди… Ама пак да си се почитуваме. Па може и пак ќе си се засакаме.

    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари