РУШИ ОГРАДАТА

Ако ни требале цели 72 години за да сфатиме што значи „Македонија слободна, слободно живее“, што кажува тоа за нас како граѓани?

РУШИ ОГРАДАТА

1 По 26 години независна држава и по 72 години од  ослободувањето во Втората светска војна и победата над фашизмот, ние допрва се радуваме на стиховите „Македонија слободна, слободно живее“.  Нели е тоа малку тажно? По толку години во слобода да сфаќаме што навистина значат тие зборови. И да се плашиме дека слободата ќе ја снема.

Споменикот на ослободителите на Скопје уште е заробен зад решетките од 700.000 евра што ни ги потроши Груевски. Таа ограда треба да се урне. Не од одмазда. Не од хир. Треба да се урне затоа што таа ограда е симбол на заробената држава. Поточно, на заробениот дух на македонскиот граѓанин. Оти, ако ни требале цели 72 години за да сфатиме што значи „Македонија слободна, слободно живее“, што кажува тоа за нас како граѓани?

2 Е па, што кажува видовме неколку дена пред празникот, кога среде ТВ обраќање на Груевски, едно од момчињата што  беа викнати да бидат декор зад него се онесвести. А никој од неговите другарки и другари не само што не му помогнаа, туку се правеа наудрени. Барем еден од групата да покажеше инстинкт да помогне.

Е тоа е заробениот ум на македонскиот граѓанин. И уште пострашно е што тука станува збор за млади луѓе. Кои лидерот со платени кампањи ги убедуваше дека треба да бидат луѓе и да го отворат срцето. Плус и да раѓаат трети деца. Што ќе раѓаат? Ќе го остават детето ненахрането ако Груевски попладне ги викне во штаб.

Немаме ние проблем со соседите. Ние имаме проблем со себе.

Деца паѓаат во несвест, а другарките и другарите не му помагаат, само за да не го вознемират лидерот додека зборува читајќи од идиот камера. И лидерот потоа онесвестениот го прогласува за херој. А другарките и другарите не ги ни прашува зошто не му помогнале.

Е тоа е таа бруталност на заробениот ум. Која што сега ја видовме со свои очи. За Мартин Нешкоски, кој го убија затоа што се сопнал од кабел трчајќи да му честита на лидерот на изборната победа, само слушавме. И за оној несреќник што го згазила кола на патот кај Кичево, а сопратијците го оставиле мртов на паркинг затоа што брзале да не задоцнат на партискиот митинг во Охрид, само читавме.

А ова сега го видовме во директен пренос. И воопшто не беше смешно. Беше страшно. И ќе ни треба многу сила од ова зло да излеземе со насмевка.

3 Знаете зошто прославата на Денот на независноста 8 Септември се организираше под мотото „Слободна Македонија, слободно живее“? Затоа што Македонија е навистина слободна земја. Толку тешки криминалци и злосторници никаде не може да шетаат така слободно како што шетаат низ Македонија. Во странство пак ич, оти судот им ги одзеде пасошите.

Во други земји, по она што го дознавме какви зулуми правеле луѓе од власта, тие одамна ќе беа во затвор. Или барем ќе им беа асално почнати судските процеси. А не тука, уште и им го есапат мислењето на ТВ емисии и глумат демократија на телевизии кои до вчера, додека беа на власт, ги понижуваа и ги малтретираа. А лидерот на партијата, кој е осомничен за злосторничко здружување за повеќе кривични дела, врши увид на патарини и плаши луѓе дека им бил загрозен идентитетот. И уште е главна вест со неговите елаборации за странските инвестиции што ги плативме со наши пари и допрва ќе дознаваме колку сме ги платиле. А кога навистина ќе дојде слободата, може ќе дознаеме и колку од тие наши пари завршиле во домашните приватни џебови.

Македонија е слободна затоа што опозиционите пратеници, меѓу кои има осомничени и за изборни измами  и за нападот на Собранието од 27 април, ја блокираат државата глумејќи дебата и демократија. До толку ја блокираат, што дури и Германија им кажа да олабават малку со блокадата.

Ако сте заборавиле, редно е да се потсетиме, зошто ние веќе трета година живееме со политичка криза и не можеме да мрднеме напред. Коренот на злото што ја држи земјава во заложништво лежи во аферата со масовното нелегално прислушување на илјадници граѓани.  Сите судови во низата на правдата, од Основниот, преку Апелациониот до Врховниот, им овозможија на двајца осомничени ем за прислушувањето, ем за уништувањето на опремата со кое тоа се правело, слободно да избегаат.

Е па навистина Македонија е слободна земја. Објективно, Никола Груевски и кликата околу него најмногу ја чувствуваат слободата.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
Booking.com

Коментари