1 Никола Груевски изјави дека „Јанева е далеку од нашите очекувања“. Па нормално. Сигурно Марко Зврлевски е поблиску до неговите очекувања. Поради таа близина и ја добивме Катица Јанева. И нормално е дека Јанева е далеку од неговите очекувања. Сигурно не очекувал дека баш тој ќе биде првиот обвинет. И тоа само за некои шамари.
2 Туку, ај што Груевски се жали од Катица, јасно е. Сте чуле ли некогаш некој обвинет да биде задоволен од обвинителот? Ама, зошто неговите пратеници се жалат од специјалната обвинителка? Како ја нападнаа, се однесуваат како тие да се повеќе криви од обвинетиот лидер. Ако снимките што ги слушавме биле монтирани, лепени, сечени, тогаш зошто толку лично ја сфаќаат работата на СЈО па се однесуваат како тие да се виновни и под истрага? Дури и за работи кои ги немавме слушнато во бомбите. Како жестоко се бранат, небаре тие се виновни за целото зло во Македонија.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напаѓаат Катица затоа што таа треба да го открие и да го казни тој што нив ги прислушувал. Се уплашија ли Катица да не го открие тоа во што тие се сомневаат? Дека нивниот шеф ги прислушувал? И сега ја напаѓаат Катица, оти нејзината работа ги соочува со нивниот најголем страв. И срам. Дека ги прислушувал тој кому што тие верно му служат.
Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието последниве три дена со сослушувањето на Специјалниот обвинител личи на македонска верзија на Стокхолмски синдром. Кога жртвата на киднапирање сочувствува и се зближува со киднаперот.
Иако, не верувам дека е Стокхолмски синдром. Верувам дека се работи за елементарна студена пресметливост. Дека ќарот што пратениците го имаат од партијата е многу поголем од срамот дека ги контролирал баш тој кому тие му се верни до гроб.
3 Впрочем, кој тука зборува за срам? Тој поим е избришан од општествената свест. Запамтете. Немаат срам! И нема ни да имаат срам! Оти се убедени дека не треба да имаш срам. И тоа е едно од клучните наследства од владеењето на оваа гарнитура. Не е срамота да бидеш бесрамен. Не само што не е срамота, туку успех е да бидеш бесрамен. Тие бесрамноста ја дигнаа на ниво на врвна вредност.
4 Можеби баш поради таа бесрамност како вредност, се нафрлија на Катица Јанева дека лошо се облекувала, била неелоквентна и давала интервју само на нарачани прашања.
Кој го збори тоа? Партијата, симпатизерите и медиумите блиски до лидерот, кој ја укина дебатата како цивилизациска придобивка на демократијата. Лидер кој што 10 години не дал интервју без нарачани прашања. И тоа не само на приватните куртон медиуми. Туку и на јавниот сервис и на државната новинска агенција.
Чекај, чекај…
За десет години како главен уредник во нивно време многу пати ми се јавиле да ме прашаат „Која ти беше таа, или тој новинар што поставиле прашање?“. И тоа, поставиле прашање на прес конференција. Оти тие и прашања на прес конференција забранија ако не се нарачани. Ако не веруваат, нека ја прашаат Катица што слушнала во прислушуваните разговори. И јас добив папка со моите прислушувани разговори.
Неговите министри не одговараат на прашања како ги трошат нашите пари, дури ни кога им ги испраќаме на е-пошта. Или одговараат со смс пораки со навреди и закани. Ако не веруваат, нека ја прашаат Катица што прочитала во пораките. И јас добив папка со моите снимени смс пораки.
За нарачани интервјуа зборуваат мои колегиуми и медиуми што објавуваа интервју на Груевски во пет продолженија, а на секое продолжение тој беше различно облечен. Толку било нарачано што немале ни личен контакт со него за да го фотографираат специјално за приликата. И после, тие фељтон интервјуа со денови ги преобјавуваа по едно сто пати.
Од МТВ излегол немонтиран материјал од интервју со специјалната обвинителка и се појавил на Јутјуб. И на тоа се чудиме? Па на Јутјуб излегуваа снимки од посебни истражни мерки и тоа снимени во премиерскиот кабинет на Груевски, па јавниот обвинител Зврлевски не реагираше. Толкави биле очекувањата од него. Доволни за да биде задоволен лидерот.
И елоквенцијата стана тема на муабет. Е, за тоа пак, ич нема да зборувам. Само ќе го споменам претседателот Ѓорге Иванов, кој седум години ни „Добар ден“ јавно нема кажано, а да не мора тоа да го прочита од ливче. И што ја остави Катица три месеци без работа, оти од нигде-никаде му текна да аболицира 56 политичари осомничени , или под истрага за тежок криминал.
5 Катица не ја плаќаме за да биде оратор. Ниту пак манекенка. Впрочем, ораторските способности ги видовме во Собранието. Сама против сите. И се надевам дека ќе ги видиме и во судница. И покрај „сваровски“ судиите од тефтерчето на Гоца.
Катица е платена за да ги открие криминалите што може да произлезат од содржината на прислушуваните разговори. И платена е да открие кој незаконски прислушувал. Ако не оваа Катица, тогаш некоја друга. Ако не оваа судијка, тогаш некоја друга. Криминалот нема да исчезне само затоа што обвинителката носи чипка. Или „сваровски“ судијката „може ќе смени страна“, како што чувме во еден од разговорите како ја избрале.
Власта не ги крадела само изборите. Ни ги украде парите. И државата. И слободата.
Така што, тој што ќе ги стави во затвор и ќе ги натера да ни ги вратат парите може да се облекува како сака. И не мора ни да зборува.
СЛУШАЈ ТУКА – AUDIO PODCAST