Дејан Митрoвски-Урко, долгогодишниот шеф на обезбедувањето на избеганиот осуден пратеник и експремиер Никола Груевски и селектор на кикбокс репрезентацијата на Македонија, денес ја доби наградата 13 Ноември за најдобар тренер, која ја доделува скопското здружение на граѓани Сојуз на спортови на Скопје. Награден беше и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, кој доби признание за најдобар функционер.
По бројните реакции во јавноста, од Град Скопје соопштија дека овие овие награди не ги доделува Градот и тие не се дел од манифестациите кои ги организира Градот по повод 13 Ноември- Денот на ослободувањето.
„Овие награди ги доделува здружението на граѓани Сојуз на спортови на Скопје, и истата не претставува официјална награда на Град Скопје. Во рамки на одбележувањето на Денот на ослободувањето, вечерва на свечена церемонија градоначалникот Шилегов ќе ги додели наградите 13 Ноември на Град Скопје, кои веќе официјално беа објавени од Комисијата за доделување на оваа награда, меѓу кои има и награда за достигнувања во областа на спортот“, стои во реакцијата од Градот, чија официјална 13-Ноемвриска награда за спорт ја доби пливачот Андреј Стојановски, спортски шампион кој е лице со посебни потреби.
Урко беше еден од сведоците во предметот „Тенк“ на СЈО, според кој Груевски е осуден на две години казна затвор дека незаконски влијаел на МВР од осиромашениот буџет за негови потреби да купи мерцедес од речиси 600.000 евра. Груевски денеска околу 13 часот на својот Фејсбук профил напиша дека се наоѓа во Будимпешта и побарал политички азил од унгарските власти.
Пред две години во јули, Митровски-Урко предизвика сообраќајна несреќа во Скопје, на булеварот Борис Трајковски во населбата Кисела Вода, кога со автомобил, марка „бмв“ удрил во моторцикл, чиј возач, 22-годишно момче почина по неколку денови. За директниот судир тој доби само условна пресуда. Пресудата на 20 јуни годинава ја донела судијката од Основниот суд Скопје 1 Биљана Коцевска. Судијката Коцевска врз база на вештачењето утврдила дека за страотната сообраќајка во која Митровски со автомобил „бмв“ го удри и го усмрти момчето, била виновна жртвата.
Меѓу добитниците на наградата 13 Ноември од здружението Сојуз на спортови се и освојувачот на бронзениот медал од Европското првенство (ЕП) во Братислава, кикбоксерот Бобан Илиоски како и екипата на ракометниот првак и учесник на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите, Вардар, наменети за најдобриот спортист и спортски колектив. Најдобар судија е тенискиот арбитар Зоран Поповски, а Венцислав Недев, Кочо Димитровски и Борче Брсаковски добија награди за животно дело.