БАЗЕНОТ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ВО ПАНДЕМИЈА ПОЧНА ДА ИМ НАПЛАЌА ПО 2.000 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО НА РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ И ЗА 25 ОТСТО ЈА ЗГОЛЕМИ ЦЕНАТА ЗА ДЕЦАТА ОД КЛУБОВИТЕ

    БАЗЕНОТ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ВО ПАНДЕМИЈА ПОЧНА ДА ИМ НАПЛАЌА ПО 2.000 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО НА РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ И ЗА 25 ОТСТО ЈА ЗГОЛЕМИ ЦЕНАТА ЗА ДЕЦАТА ОД КЛУБОВИТЕПоранешната олимпијка Наташа Мешковска, која сега е тренер, вели дека нејзините мали пливачи плаќаат 125 денари за секој влез во базенот, што е 25 денари поскапо во споредба со порано. (Фото: СДК.МК)

    Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ја искористи пандемијата на коронавирусот за на пливачките клубови да им ја покачи цената на користењето на базенот за 25%, а почна и да им наплаќа по 2.000 денари месечно на репрезентативците, за кои досега беше бесплатно, вели поранешната олимпијка Наташа Мешковска.

    Мешковска, која сега е тренер, вели дека нејзините мали пливачи плаќаат 125 денари за секој влез во базенот, што е 25 денари поскапо во споредба со порано. Оваа состојба трае од 21 јуни, кога базенот повторно беше отворен.

    „За минатиот месец добивме фактура од 103.000 денари, а пред пандемијата таа никогаш не беше поголема од 40-50.000. Сега поради протоколите за заштита од ковид-19 имаме и помалку деца. Го трпиме тоа три месеци зашто немаме избор. Немаме десет базени во градов, па да одиме на друго место ако не ни одговара“, кажа Мешковска.

    Таа вели дека оваа политика на раководството на базенот драматично го намалува бројот на децата кои тренираат, а почнале да се откажуваат и репрезентативците. „Фактички поскапувањето е поголемо од 25 проценти бидејќи поради намалениот број деца што смеат да тренираат во една патека поскашувањето по патека е 100 посто“, објаснува Мешковска.

    Од СЦ „Борис Трајковски“ велат дека клубовите кои тренираат кај нив се согласиле со новите услови за работа, како за ценовникот, така и за протоколите и дека само еден се буни.

    „Порано се плаќаше 600 денари, со десет деца во една пливачка патека, па излегуваше по 100 денари по дете. Сега се плаќа 1.500 денари за 12 тренинзи месечно, што е 125 денари за едно дете. Сега не смее да има повеќе од четири деца во една патека и не смеат да влегуваат во соблекувалните. Ние строго се придржуваме до протоколите, не сакаме да нѐ затворат како кафулињата“, појасни раководителката на базенот Симона Јовановска.

    За наплаќањето 2.000 денари од репрезентативците, Јовановска вели дека тоа е воведено од економски причини.

    „Базенот се самофинансира. Ние немаме друг извор на приходи и едвај плата земаме во овој период. Тие имаат загарантирани термини, кога тренираат нема други луѓе“, кажа Јовановска.

    Мешковска вели дека е нелогично на врвни пливачи, кои се спремаат за меѓународни натпревари и за Олимпијада државата да им наплаќа наместо да ги стимулира. „Излегува дека ако си репрезентативец и ја претставуваш Македонија ќе си платиш 2.000 денари, а ако си рекреативец ќе си пливаш за 1.500 денари“, вели Мешковска.

    Г. КОНЕВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира