ГЕРМАНИЈА БЕСНА ШТО ФУДБАЛСКИ ЅВЕЗДИ СЕ СЛИКАЛЕ СО ЕРДОГАН

    ГЕРМАНИЈА БЕСНА ШТО ФУДБАЛСКИ ЅВЕЗДИ СЕ СЛИКАЛЕ СО ЕРДОГАНМесут Озил му подари потпишан дрес на Ердоган на еден настан во Лондон (Фото: ЕПА)

    Германската фудбалска федерација (ДФБ) ги искритикува репрезентативците Месут Озил и Илкај Гундоган откако тие се сликаа со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

    Двајцата фудбалери со турско потекло, кои се родени во Германија, му подарија потпишани дресови на Ердоган на еден настан во Лондон.

    „Со голема почит за мојот ценет претседател“, напиша Гундоган под сликата на Твитер.

    Двајцата играчи би требало да се најдат во тимот на Германија за претстојното Светско првенство во Русија и нивниот потег беше осуден од голем број германски политичари, кои ја доведоа во прашање нивната лојалност кон германските демократски вредности.

    „Фудбалот и нашата Федерација ги бранат вредностите што не се почитувани од Ердоган. Затоа не е добро што двајца наши репрезентативци дозволија да бидат изманипулирани од неговата изборна кампања. На овој начин, тие не ја помагаат работата на ДФБ на полето на интеграција“, изјави претседателот на Федерацијата, Рајнхард Гриндел.

    Пред да влезе во политиката во 90-ите години, Ердоган полупрофесионално играл фудбал за Касимпаша. Тој е на власт во Турција веќе 15 години и закажа нови избори за 24 јуни.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари