ЃОКОВИЌ ГО РЕШИ НАДАЛ ЗА ДВА ЧАСА ЗА РЕКОРДНАТА СЕДМА ТИТУЛА ОД АВСТРАЛИЈА ОПЕН

    ЃОКОВИЌ ГО РЕШИ НАДАЛ ЗА ДВА ЧАСА ЗА РЕКОРДНАТА СЕДМА ТИТУЛА ОД АВСТРАЛИЈА ОПЕНПред 12 месеци не можел да насети дека вака ќе му се одвива кариерата. - Новак Ѓоковиќ (Фото: Ројтерс)

    Новак Ѓоковиќ по рекорден седми пат во кариерата го освои Отвореното првенство на Австралија, што е негова 15. гренд слем титула, откако во финалето го растури еден од своите најголеми ривали Рафаел Надал со 6:3, 6:2, 6:3.

    Најдобриот светски тенисер ја потврди победата по само два часа и четири минути игра, со што ги надмина Рој Емерсон и Роже Федерер, кои по шест пати триумфираа во Мелбурн.

    „Сакам да се присетам на она што ми се случуваше во изминатите 12 месеци. Поминав низ тежок период по повредата, бев лош на стартот на минатата сезона, но се вратив и освоив три едноподруго гренд слем титули. Нереално, немам зборови“, изјави Ѓоковиќ и му се заблагодари на Марјан Вајда што му се врати како тренер.

    Тој сега има само две гренд слем титули помалку од Надал, додека Федерер му бега за пет. Ѓоковиќ го заврши мечот со само девет неизнудени грешки, додека Надал ги имаше далеку повеќе – 28.

    „Ова не беше моја вечер, но многу ми е важно што успешно се вратив по повредата. Ова е голема инспирација за она што претстои“, изјави Надал.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари