Актуелниот шампион Новак Ѓоковиќ се повлече од Отвореното првенство на САД, предавајќи го мечот со Станислас Вавринка во моментите кога се наоѓаше пред пораз.
Српскиот тенисер губеше со 4:6, 5:7, 0:2 во мечот од четвртото коло, кога по двојна сервис-грешка одлучи да се повлече поради повреда на рамото. Неговата одлука беше примена со големо негодување од публиката, која дополнително го исвирка додека тој го напушташе теренот.
„Ѝ се извинувам на публиката. Таа дојде да види цел меч, но тоа не беше можно“, кажа Ѓоковиќ.
По триумфот на Вимблдон, најдобриот светски тенисер важеше за голем фаворит и во Њујорк, кадешто ја бркаше 17. гренд слем титула. Сепак, во текот на турнирот тој се мачеше со повреда на левото рамо, за која кажа дека му предизвикувала постојана болка со недели.
„Ова е многу фрустрирачки. Некои денови болката беше посилна, некои послаба, но едноставно знаеш кога веќе не можеш да продолжиш да играш“, изјави Ѓоковиќ, не сакајќи да ги коментира свирежите од публиката.