КИРЕ ЛАЗАРОВ ОБЈАВИ КРАЈ НА ИГРАЧКАТА КАРИЕРА

    КИРЕ ЛАЗАРОВ ОБЈАВИ КРАЈ НА ИГРАЧКАТА КАРИЕРАЛазаров 24 години играше за репрезентацијата, со која продолжува како селектор (Фото: СДК.МК)

    Еден од најдобрите македонски спортисти на сите времиња Кире Лазаров денеска објави дека ја завршува кариерата. Четириесет и двегодишниот Лазаров се повлекува како апсолутна ракометна легенда, македонска спортска икона и идол и на генерации што доаѓаат.

    „Моето долго и прекрасно патување дојде до самиот крај. Беше тешко да се донесе одлуката, но, сепак, е очекувана. Тешка, затоа што го работев тоа што го сакам, од срце, со многу страст и ентузијазам. Не сакав оваа одлука да ја соопштам порано, иако знаев дека е крај, дека ми е последна сезона. Сакав да бидам професионален и мотивиран, каков што бев во текот на целата кариера“, вели Лазаров во својата проштална објава на Фејсбук.

    Ако се изземе неиграњето на Олимписки игри, Лазаров заминува во играчка пензија со сите остварени сништа. Откако како тинејџер се афирмираше во велешки Борец и Пелистер, своето меѓународно патешествие го почна во 2000, што го одведе во Хрватска, Унгарија, Шпанија и Франција. Со Барселона успеа да ја освои и Лигата на шампионите, еден од неговите над 50 трофеи во кариерата.

    „Заминувам со гордо крената глава, играјќи за клубови-институции како Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Барселона, Нант. Почнувајќи од мојот матичен клуб Овче Поле, преку Борец и Пелистер, полека, со правилни одлуки и цврсто на земја, без никакви илузии, зачекорив во Европа. Многу титули, успеси и разочарувања, подеми и падови, победи и порази“.

    Врската помеѓу Лазаров и македонската репрезентација е посебна приказна, а продолжува и понатаму, во селекторска улога. Дебитираше за националниот тим во септември 1998 и омилениот дрес го носеше буквално до вчера. Во меѓувреме, ја предводеше Македонија на седум светски и шест европски првенства, соборувајќи ги сите голгетерски рекорди.

    „Посебно ми е драго што постојано наоѓав време, желба и страст да бидам во служба на нашата репрезентација. 25 години и 13 големи натпреварувања со една мала земја, играјќи дури и во петтата деценија од животот, ми даваат за право секого да погледнам во очи, дури и некогаш да не сум исполнил нечие очекување“, вели Лазаров.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира