МИ ОЛЕСНА, ИГРАВ ПОД ОГРОМЕН ПРИТИСОК, КАЖА ЃОКОВИЌ ПО ПОРАЗОТ ОД МЕДВЕДЕВ ВО ФИНАЛЕТО НА ЈУ-ЕС ОПЕН

    МИ ОЛЕСНА, ИГРАВ ПОД ОГРОМЕН ПРИТИСОК, КАЖА ЃОКОВИЌ ПО ПОРАЗОТ ОД МЕДВЕДЕВ ВО ФИНАЛЕТО НА ЈУ-ЕС ОПЕНМедведев не му дозволи на Ѓоковиќ да испише историја (Фото: АП)

    Данил Медведев го спречи обидот на Новак Ѓоковиќ да стане само вториот тенисер во модерната ера кој ги освоил сите четири гренд слем турнири во една година, откако го победи во финалето на Отвореното првенство на САД со 6:4, 6:4, 6:4. Тоа е прва гренд слем титула за 25-годишниот Русин, а Ѓоковиќ остана на 20, колку што имаат и Роже Федерер и Рафаел Надал, со кои го дели рекордот.

    Ѓоковиќ по мечот призна дека целиот турнир го играл под голем притисок, па правеше некарактеристични грешки во финалето и на крајот се расплака.

    Ѓоковиќ крши рекет по еден лошо одигран поен (Фото: АП)

    „Чувствував олеснување и растоварување кога заврши последниот поен. Притисокот и очекувањата пред и за време на турнирот беа огромни. Сето тоа многу ме исцрпи. Разочаран сум и тажен што ја пропуштив оваа шанса“, изјави Ѓоковиќ, кој за разлика од изминатите години, сега имаше поддршка од трибините.

    Откако ги освои Австралија опен, Ролан Гарос и Вимблдон, тој во Њујорк имаше можност да го заокружи првиот календарски гренд слем од Род Лејвер во 1969 година. Во женска конкуренција, тоа ѝ успеа на Штефи Граф во 1988.

    „Навистина ми е жал за Ѓоковиќ, не можам да замислам како се чувствува. Од друга страна, тоа што го сопрев ја прави мојата победа уште послатка и ми носи самодоверба за тоа што следува“, кажа Медведев, за кого ова беше трето гренд слем финале.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира