ОТВОРЕНИ НАЈСТУДЕНИТЕ ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ИСТОРИЈА

    ОТВОРЕНИ НАЈСТУДЕНИТЕ ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ИСТОРИЈАНајголем аплауз на церемонијата на отворањето изнуди заедничкото дефиле на олимпијците од двете Кореи (Фото: АП)

    Дваесет и третите Зимски олимписки игри во јужнокорејскиот град Пјонгчанг и официјално беа отворени со парадата на повеќе од 3.000 спортисти од 92 држави, придружено од огномет и многу светлосни ефекти и корејска поп-музика.

    Нордискиот скијач Ставре Јада ја предводеше малубројната македонска експедиција, која ги вклучува и скијачите Антонио Ристевски и Викторија Тодоровска.

    Седумнаесет држави ќе имаат само еден претставник на Игрите, што вклучува и некои егзотични земји како Тонга, Бермуда и Еритреја, но најголем аплауз изнуди заедничкото дефиле на олимпијците од двете Кореи, држави кои, технички, сѐ уште се во војна. Знамето на обединета Кореја го држеа Хванг Чунг-Гум од Северна Кореја и Вон Јун-Џонг од Јужна Кореја, кои беа поздравени од јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин.

    Освен ова, тие ќе имаат заедничка женска репрезентација во хокеј.

    17 земји, меѓу кои и Тонга, ќе имаат само еден претставник на ЗОИ

    За разлика од нив, спортистите од Русија беа принудени да маршираат под олимпиското знаме, како казна за големиот допинг-скандал од претходните Игри во Сочи.

    Во наредните 17 дена, олимпијците ќе се натпреваруваат во 102 дисциплини во 15 спортови и се очекува ова да бидат најстудените Зимски игри досега, бидејќи во планинскиот регион на Пјонгчанг температурите паѓаат и до -25 Целзиусови степени. Со тоа ќе биде надминат рекордот од Лилехамер во 1994 година, каде што спортистите се бореа за медали на -11 степени.

    „Ова е моментот што сите вие го чекавте: првите Олимписки игри на снег и мраз во Република Кореја. Можете сите да бидете горди вечерва. Во наредните неколку дена, светот ќе гледа во вас, барајќи инспирација. Вака се покажува моќта на спортот да ги обединува луѓето. Време е за Пјонгчанг!“, кажа претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира