Американскиот претседател Џо Бајден е позитивен на ковид-19 со благи симптоми, соопшти Белата куќа и додаде дека бил вакциниран повеќепати. Претходно двапати беше позитивен на ковид. Претседателот планира да се изолира во својот дом во Делавер додека ги извршува „целосно сите свои должности“.
Лекарот на Бајден, Кевин О’Конор, рече дека има симптоми на горниот респираторен тракт, му тече на носот и кашла, и дека му била дадена првата доза од лекот „паксловид“. Тој се чувствуваше добро за време на првиот настан во денот, но подоцна се откри дека е позитивен на тестот, рече д-р О’Конор.
Бајден (81) вчера ги посети поддржувачите во Лас Вегас и зборуваше на настан, а подоцна вечерта го го откажа предизборниот говор. Се разболе во време кога има зголемен притисок во партијата да се повлече од кандидатурата за претседателските избори на 5 ноември поради неговата возраст.
Американските медиуми јавуваат дека и лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер и лидерот на мнозинството во Претставничкиот дом Хаким Џеферис – двајцата водечки демократи во американскиот Конгрес, одделно приватно се сретнале со Бајден и изразиле длабока загриженост дека неговата кандидатура може негативно да влијае на другите кандидати за Претставничкиот дом и Сенатот.
Бајден подоцна преку Икс им се заблагодари на сите за „добрите желби“ и рече дека „ќе работи за да ја заврши работата за американскиот народ“ додека закрепнува.
Тоа е ненадеен крај на патувањето кое требаше да го претстави Бајден повторно со полна сила да ја води кампањата – по паузата предизвикана од обидот за атентат на неговиот ривал Доналд Трамп. Обидот за реизбор на Бајден веќе беше нарушен со растечкото несогласување меѓу демократите во Конгресот по неговиот катастрофален дебатен настап против Трамп минатиот месец.