Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ имал позитивен тест на ковид на 16 декември, а сепак на 17 декември, на свеченоста во Белград им ги врачил пехарите на најдобрите млади тенисери прогласени од Тенискиот сојуз на Србија (ТСС).
Во судските документи објавени денеска во Мелбурн, каде тенисерот е во имиграциски притвор оти му е одбиена визата за влез во Австралија иако добил медицинско изземање оти не е вакциниран, адвокатите на Ѓоковиќ велат датата на првиот позитивен ПЦР тест за ковид е 16 декември.
Како што објави ТСС, на 17 декември Ѓоковиќ им ги врачи пехарите на најдобрите млади тенисери на свеченоста во Тенискиот центар на Дорќол во Белград, а присуствувале само наградените деца, без широк аудиториум поради епидемиолошките мерки за заштита од пандемијата.
Според видеото на фејсбук страната на ЈП Пошта на Србија, на 17 декември, Ѓоковиќ со сопругата Јелена, обајцата без маски, биле гости и во музејот на поштата каде се промовирала поштенска марка со неговиот лик.
Српскиот портал Блиц објави дека Ѓоковиќ најверојатно се заразил на 14 декември, кога бил во публиката на кошаркарскиот натпревар Црвена Звезда-Барселона во Белград, каде и се фотографирал со кошаркарот Најџел Хејс-Дејвис, кој следниот ден имал позитивен ковид тест и не играл на дуплото коло на Евролигата.
Ѓоковиќ, кој има изјавено дека е против вакцинацијата, доби медицинско изземање од вакцинирање за да игра на турнирот Австралијан опен, а одлуката за тоа разбесни многумина обични Австралијци кои минаа стотици денови во строг карантин и без можност за патување. Но, при слетувањето, драматично му беше забранет влез во земјата.
Тој ќе остане во имиграциски притвор во хотел барем до понеделник, за кога е закажана итна судска постапка која може да заврши и со негово депортирање од Австралија.