ЃОКОВИЌ ЗАСЕГА НЕМА ДА БИДЕ ДЕПОРТИРАН ОД АВСТРАЛИЈА, ЗАКАЖАНИ НОВИ СОСЛУШУВАЊА

    ЃОКОВИЌ ЗАСЕГА НЕМА ДА БИДЕ ДЕПОРТИРАН ОД АВСТРАЛИЈА, ЗАКАЖАНИ НОВИ СОСЛУШУВАЊАЃоковиќ утре повторно би можел да биде притворен (Фото: АП)

    Австралија се согласи да ја одложи депортацијата на Новак Ѓоковиќ, на кого денеска по вторпат му беше укината визата, што беше дискреционо право на министерот за имиграција Алекс Хок.

    „Австралиската влада нема да преземе постапка за депортација пред да се донесе судска одлука“, изјави адвокатот Стивен Лојд, додавајќи дека се согласува целосно сослушување да се одржи в недела.

    Ѓоковиќ не беше вратен во притвор откако му беше укината визата, но, според Лојд, владата предлага тоа да се направи утре.

    Набргу откако министерот Хок ја соопшти својата одлука по пет дена чекање, адвокатите на Ѓоковиќ кажаа дека ќе бараат налог да се спречи негова итна депортација. Случајот го води истиот судија кој во понеделникот му ја врати визата на Ѓоковиќ и на денешното рочиште тој предложи забрана на депортацијата до утре попладне. Договорено е Ѓоковиќ да има разговор со имиграциските власти утре наутро по локално време, односно вечерва во 22 часот по македонско време.

    „Сè уште постојат неодговорени прашања, особено зошто на Ѓоковиќ му било дадено медицинско изземање од вакцинирањето“, кажа судијата Ентони Кели, кој го префрли случајот на повисок федерален суд.

    Адвокатот на Ѓоковиќ, Николас Вуд, ја нападна австралиската влада поради начинот на кој донесува одлуки. Тој смета дека визата не била укината зашто Ѓоковиќ не е вакциниран, туку за да не се поттикне антиваксерското движење во Австралија.

    Премиерот Скот Морисон изјави дека визата е укината за да се заштитат жртвувањата на Австралијците за време на пандемијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира