Претставници на американските градови, држави и компании се подготвуваат да поднесат план во Обединетите нации (ОН), ветувајќи дека ќе ги исполнат целите на САД за емисии на стакленички гасови според климатскиот Париски договор, и покрај одлуката на претседателот на Трамп да се повлече од договорот. Неименуваната група – во која досега се 30 градоначалници, три гувернери, повеќе од 80 претседатели на универзитети и повеќе од 100 бизниси – е во преговори со Обединетите нации за да биде прифатен нејзиниот план заедно со придонесите за Парискиот климатски договор од другите земји.
„Ќе сториме сѐ што би сторила Америка ако останеше во договорот”, рече Мајкл Блумберг, поранешниот градоначалник на Њујорк, кој ја координира иницијативата.
Со двојно зголемување на нивните климатски активности, рече тој, градови, држави и корпорации може да го постигнат, или дури и да го надминат, залогот на администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама за намалување на емисиите на Америка на стакленички гасови за 26 отсто до 2025 година, од нивното ниво во 2005.
Не е јасно како, всушност, ќе се одржи поднесувањето на планот во Обединетите нации. Кристијана Фигуерес, поранешен висок официјален претставник за климатски прашања на ОН, рече дека во моментов нема формален механизам за ентитети кои не се земји да бидат целосно страни во Париската спогодба. Фигуерес, која ја опиша одлуката на администрацијата на Трамп да се повлече како „фатална политичка мелодрама”, рече дека американската влада треба да продолжи да известува за своите емисии во ОН, бидејќи формално повлекувањето ќе се случи за неколку години. Но Фигуерес, до лани извршен секретар на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, вели дека планот на групата на Блумберг може да се вклучи во идните извештаи на Обединетите нации, составени врз напредокот постигнат од потписниците на Парискиот договор.
195 земји се посветени на намалување на емисиите на стакленички гасови, како дел од договорот во 2015.