ЛИБЕРАЛНИОТ ЗАПАД Е ИЗОПАЧЕН И ВЕЌЕ НЕ Е ПРИВЛЕЧЕН ЗА ЦЕНТРАЛНА ЕВРОПА, ВЕЛИ ВИКТОР ОРБАН

    ЛИБЕРАЛНИОТ ЗАПАД Е ИЗОПАЧЕН И ВЕЌЕ НЕ Е ПРИВЛЕЧЕН ЗА ЦЕНТРАЛНА ЕВРОПА, ВЕЛИ ВИКТОР ОРБАНОрбан е првиот европски лидер кој му даде поддршка на Трамп на претстојните избори, додека во исто време ја приближи Унгарија кон Русија и Кина (Фото: Гети)

    Унгарскиот премиер Виктор Орбан го отфрли либералниот Запад и го опиша како изопачен во својот нов есеј објавен во провладиниот весник „Маѓар немзет“, пренесува „Дојче веле“.

    „Од перспектива на централна Европа, Западот ја изгуби својата привлечност. Животниот модел на либералниот и отворен Запад и на христијанско-конзервативниот Исток се неспоиви, а зближувањето на овие два табора, како на пример во Германија и Австрија, е изопачено“, пишува Орбан.

    Тој смета дека различните погледи на светот сѐ повеќе ќе ја поделат Европската Унија политички и економски. Според Орбан, и образовната политика на Западот е неспоива со христијанско-конзервативните држави.

    „Целта на нашето образование е децата да израснат во патриоти. Училиштата треба да го потврдат и сексуалниот идентитет на децата кој им го дал Создателот при раѓањето и да ги заштитат од родовата идеологија и пропагандата на виножитото“, вели Орбан.

    Орбан и неговата партија Фидес подолго време пропагираат дека европските конзервативци ги предале идеалите на христијанска Европа и дека европските институции им служат на Џорџ Сорос и на неговите луѓе, кои, заедно со граѓанскиот сектор, работат на уништувањето на националните држави и христијанско-конзервативните влади.

    Тој беше првиот европски лидер кој му даде поддршка на Доналд Трамп на претстојните избори во САД, додека во исто време ја приближува Унгарија кон Русија и Кина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира