МАКРОН И БАЈДЕН ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВАРАА СО ПУТИН, ПАРИЗ ВЕЛИ ДЕКА ТОЈ СО НИШТО НЕ НАВЕСТИЛ ДЕКА ПЛАНИРА ИНВАЗИЈА НА УКРАИНА

    МАКРОН И БАЈДЕН ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВАРАА СО ПУТИН, ПАРИЗ ВЕЛИ ДЕКА ТОЈ СО НИШТО НЕ НАВЕСТИЛ ДЕКА ПЛАНИРА ИНВАЗИЈА НА УКРАИНАВо Киев денеска се одржа протест против можната ескалација на тензиите (Фото: АП)

    Џо Бајден и Емануел Макрон телефонски разговораа со Владимир Путин, засилувајќи ги дипломатските напори во обид да се избегне руска инвазија на Украина, за која западот верува дека може да се случи во секој момент.

    Стејт департмент истовремено му нареди на најголем дел од персоналот на амбасадата во Киев веднаш да ја напушти Украина, што претходно им беше советувано и на сите американски граѓани. Ваков повик до своите државјани упатија и Велика Британија, Холандија, Германија, Италија, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја.

    Путин разговарал со Бајден еден час, а претходно речиси 90 минути со Макрон. Од Елисејската палата официјално кажаа дека Макрон му рекол на Путин дека искрените преговори не соодветствуваат со ескалација на тензиите. Во исто време, оттаму велат дека Путин со ништо не навестил дека планира да ја нападне Украина.

    „Не видовме навестувања дека Путин ќе тргне во офанзива. Без разлика на тоа, остануваме крајно будни и внимателни со цел да се избегне најлошото“, кажаа од кабинетот на Макрон, кој ќе има телефонски разговор и со американскиот претседател.

    Бајден пак му рекол на Путин дека Русија ќе се соочи со брзи и тешки последици ако ја нападне Украина, пренесе Белата куќа.

    Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, иако распореди над 100.000 војници долж границата. Американските разузнавачи дошле до податок дека Русија в среда ќе почне воена акција, но не знаат колку е ова точно. Белата куќа јавно нагласи дека не знае дали Путин навистина планира инвазија, додека украинскиот претседател Зеленски побара од западните сили да му покажат цврсти докази дека Русија има такви намери.

    „Знаеме дека ризиците постојат, но ако имате стопроцентно веродостојни информации дека Русија планира инвазија, ве молам да ги споделите со нас“, кажа Зеленски.

    Стејт департмент денеска кажа дека САД ќе продолжат со конзуларните активности во Украина од Лавов, град во близина на полската граница.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира