Русија ги обвини НАТО и САД дека „провоцирале ново ниво на тензии“ откако САД и Германија станаа најновите сојузници кои ѝ дозволија на војската на Украина да користи оружје доставено од Западот за да напаѓа цели во Русија. Портпаролот на германската влада рече дека Германија е убедена оти Украина има право да се брани од Русија, особено од прекугранични напади врз нејзиниот втор по големина град Харкив. Американските власти рекоа дека оружјето испорачано од САД може да се користи за да се спротивстави на руските напади во близина на регионот Харкив, било каде руските сили „напаѓале или се подготвувале да ги нападнат“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека одлуката ќе помогне да се заштитат цивилите кои живеат во селата блиску до руската граница.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека земјите на НАТО, особено САД и неколку европски земји, „влегоа во нова рунда на ескалација на тензиите и тие го прават тоа намерно“, во забелешките цитирани од новинската агенција ТАСС. „Тие на секој можен начин ја провоцираат Украина да ја продолжи оваа бесмислена војна“.
Руските сили напредуваат во регионот Харкив во последните неколку недели, по ненадејната офанзива во областа блиску до границата со Русија. Обединетото Кралство и Франција веќе сигнализираа дека се отворени за ублажување на ограничувањата за напади на Украина врз воени локации на руска територија, пред американскиот претседател Џо Бајден синоќа да изјави дека може да се користи оружјето доставено од САД.
Сепак, американски официјален претставник изјави за „Би-Би-Си“ дека:„Не е променета нашата политика во однос на забраната за употреба на армиски тактички ракетен систем или ракети со долг дострел внатре во Русија“.
Портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт деенска рече дека Берлин е „заеднички убеден“ оти Украина има право да се брани од руски напад.
„За да го направи тоа, може да го користи и оружјето што е доставено за оваа намена во согласност со неговите меѓународни правни обврски; вклучително и оние што ги доставуваме ние“, рече тој.