ОД СУДИЈАТА МЕРЧАН ЗАВИСИ ДАЛИ ТРАМП ЌЕ БИДЕ ОСУДЕН НА ЗАТВОРСКА КАЗНА

    ОД СУДИЈАТА МЕРЧАН ЗАВИСИ ДАЛИ ТРАМП ЌЕ БИДЕ ОСУДЕН НА ЗАТВОРСКА КАЗНАОва е првпат поранешен или актуелен претседател на САД да биде осуден за кривично дело; - Од изрекувањето на пресудата на поротата. (Фото: Судски цртеж од судењето во Њујорк)

    Големо прашање е дали Доналд Трамп ќе биде осуден на казна затвор, откако стана првиот поранешен или актуелен претседател на САД осуден за кривично дело. Одговорот е неизвесен. Судијата Хуан Мерчан ќе ја одреди казната на 11 јули, само неколку дена пред републиканците официјално да го номинираат Трамп (77) за претседател за престојните пртетседателски избори на 5 ноември. Водечките републикански политичари продолжија да го бранат Трамп и по вчерашната пресуда.

    Поротата во судот во Њујорк вчера го прогласи Доналд Трамп за виновен за фалсификување деловни досиеја во шема за незаконско влијание на изборите во 2016 година, преку прикриени плаќања на порно актерката Сторми Даниелс која рече дека двајцата имале секс. Прогласен е за виновен по сите 34 кривични дела во обвинението.

    Обвинението за фалсификување деловни досиеја е кривично дело од класа Е во Њујорк, најнизок степен на кривични дела во државата. Тоа е казниво до четири години затвор, иако казната на крајот ќе зависи од судијата и нема гаранција дека тој ќе му одреди на Трамп затворска казна.

    Нејасно е до кој степен судијата може да влијае на политичките и логистичките сложености на затворањето на поранешен претседател кој се кандидира да се врати во Белата куќа. Другите казни може да вклучуваат парична казна или условна казна. И можно е судијата да му дозволи на Трамп да избегне отслужување на каква било казна додека не ги исцрпи жалбите.

    Осудувањето исто така не му забранува на Трамп да ја продолжи својата кампања. Снаата на Трамп, Лара Трамп, која е копретседателка на Републиканскиот национален комитет, во интервју за „Фокс њуз“ синоќа рече дека ако Трамп биде осуден на затвор или осуден на домашен затвор, тој ќе прави виртуелни собири и настани во кампањата.

    Трамп ги негираше обвинувањата дека сторил кривично дело, а адвокатот што го застапува рече дека ќе ja обжалат пресудата што е можно побрзо.

    „Ова беше срамота“, изјави вчера Трамп и повтори дека судењето е наместено против него. „Вистинската пресуда ќе биде на 5 ноември од народот“, рече тој.

    Кампањата на Бајден соопшти дека пресудата покажува оти никој не е над законот и ги повика гласачите да го отфрлат Трамп на изборите.

    „Сè уште постои само еден начин да се задржи Доналд Трамп надвор од Овалната соба: на гласачките кутии“, се вели во соопштението на кампањата.

    Белата куќа одби да коментира.

    Случајот за замолчување со пари, иако критикуван од некои правни експерти кои го нарекоа најслабо од четирите обвиненија против Трамп, добива дополнителна важност не само затоа што стигна прв на судење, туку и затоа што може да биде единствениот од случаите на Трамп што стигна до порота пред изборите. Останатите три – локални и федерални случаи во Атланта и Вашингтон дека тој заговарал да ги поништи изборите во 2020, како и федералното обвинение во Флорида кое го товари за незаконско чување строго доверливи документи – се заглавени со одложувања или жалби.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира