РЕФЕРЕНДУМ ВО ИРСКА ЗА ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА НА ЗАКОНОТ ЗА АБОРТУС

    РЕФЕРЕНДУМ ВО ИРСКА ЗА ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА НА ЗАКОНОТ ЗА АБОРТУСДо Граѓанското Собрание 13.000 ирски жени доставиле поднесоци за либерализација на строгиот закон за абортус, со кој прекин на бременост не е дозволен ниту по силување или инцест (Фото: Гети)

    Ирската влада вчера одобри референдум за да се олабават строгите закони за абортус, со кои што пред 35 години католичкото мнозинство во земјата во уставот вметна дека абортусот е криминал.

    Ирскиот премиер Лео Варадкар рече дека референдумот ќе се одржи во мај.

    По долгата седница на владиниот кабинет синоќа, Варадкар рече дека ќе се залага да се гласа „за“ да се укине осмиот амандман од ирскиот устав, кој што им дава еднакво право на живот и на мајката и на нероденото дете.

    „Ние веќе имаме абортус – несигурен, нерегулиран, незаконски. Не може да продолжиме да го извезуваме нашиот проблем и треба да донесеме решение. Знам дека ова ќе биде тешка одлука за ирскиот народ. За многу од нас ова не е црно-бела ситуација, туку е многу сива“, рече Вардакар.

    Линда Кавано, портпарол на кампањата за право на абортус кажа дека внимателно ќе набљудуваат на тоа како ќе биде составено референдумското прашање за законски измени за да бидат сигурни дека сè ќе биде направено како што треба.

    „Работевме многу напорно да дојдеме до оваа точка и бараме на народот да му се постави многу едноставно прашање. Сакаме да знаат за што се работи на овој референдум, и работа е на политичарите тоа да им го објаснат“, рече Кавано.

    Кампањата „За живот“ пушти соопштение во кое што владината одлука ја нарече толку лоша колку што можеле да предвидат, а тоа е отстранување на законската заштита на неродените деца и дозвола за абортус на барање на мајката.

    Д-р Рут Кален, портпарол на кампањата „За живот“ изјави: „Референдумот е многу тажен и сериозен момент за нашата земја“.

    Варадкар кажа дека за време на викендот тој ќе води кампања да се либерализира законот за абортус, во неговото прво појавување како негов личен став. Владиниот портпарол изјави дека неговиот став е личен и дека не значи дека ја рефлектира позицијата на администрацијата.

    Варадкар кој стана премиер лани во јуни, вети дека ќе се одржи референдум по необврзувачките препораки на Граѓанското Собрание. Групата собрала голем број страшни сведочења од ирските жени и добила 13.000 индивидуални поднесоци да се релаксираат законските одредби.

    Ирска има еден од најстрогите закони за абортус во развиениот свет. таа е меѓу 50 земји кои дозволуваат прекин на бременоста само кога животот на жената е во ризик. Инцест или силување не обезбедуваат правна можност за абортус во Ирска.

    Шест други земји забрануваат абортус во сите случаи.

    Сегашниот закон за абортус произлегува од осмиот амандман, кој Ирска го изгласа на референдум во 1983 година.

    Абортусот и пред тоа не беше легален, но законите беа двосмислени и тоа предизвика дебата во 70-тите и осумдесетите години од минатиот век, кога црквата водеше кампања да ја намали либерализацијата на ирското општество.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира