Руското министерство за надворешни работи повика од земјата да бидат протерани 35 американски дипломати од Русија, како одговор на потегот на Вашингтон, кој вчера протера идентичен број руски разузнавачи од САД. Министерот за надворешни работи на Русија изјавил дека барањето за протерување на американски дипломати веќе било испратено до претседателот Владимир Путин.
Администрацијата на Барак Обама на 35 разузнавачи им даде 72 часа да ги напуштат САД и затвори две претставништва во Њујорк и во Мериленд, кои биле користени од руски разузнавачки служби. Акцијата на Обама следува по наводите на САД дека Русија стои зад хакерските напади на Демократската партија и на предизборната кампања на Хилари Клинтон.
Русија негира каква било вмешаност во хакерските напади. Рускиот премиер Дмитри Медведев изјави дека администрацијата на претседателот Барак Обама заминува од власт во „антируска смртна агонија“.
Американските разузнавачки служби, меѓу кои и Федералното истражно биро (ФБИ) и Централната разузнавачка агенција (ЦИА), заклучија дека целта на хакерските напади била да се предизвика штета на кампањата на Клинтон, а во корист на Доналд Трамп.
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој официјално треба да ја преземе претседателската функција на 20 јануари, наводите за хакерските напади ги нарече „смешни“.