Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски имаа „многу продуктивна“ средба денеска во Рим, изјави претставник на Белата куќа, додека двајцата лидери присуствуваа на погребот на папата Фрањо. Портпаролот на канцеларијата на Зеленски рече дека двајцата лидери, на средбата во базиликата „Свети Петар“ која траела околу 15 минути, се договориле да имаат втор состанок подоцна во денот и дека нивните тимови работат на аранжмани за тоа, но Трамп замина од Рим веднаш по погребот.
Состанокот во Ватикан, нивен прв по лутата средба во Овалната соба во Вашингтон во февруари, е во критичен момент од преговорите чија цел е да се стави крај на војната меѓу Украина и Русија.
„Претседателот Трамп и претседателот Зеленски се сретнаа денеска приватно и имаа многу продуктивна дискусија. Ќе следат повеќе детали за средбата“, рече Стивен Чеунг, директор за комуникации во Белата куќа. Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, во објава на социјалните мрежи рече дека состанокот бил „конструктивен“ .
Кабинетот на Зеленски објави фотографии од состанокот во Рим. Во една од нив, лидерите на Украина и на САД седат еден спроти друг во голема сала обложена со мермер, на растојание од околу два метра, и се наведнати еден кон друг во разговор. На сликата не можеше да се видат помошници. На втората фотографија од истата локација, Зеленски, Трамп, британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон стојат блиску еден до друг. Макрон ја држи раката на рамото на Зеленски.
Трамп, кој ги притиска двете страни да се договорат за прекин на огнот, вчера рече дека имало продуктивни разговори меѓу неговиот пратеник и руското раководство и повика на средба на високо ниво меѓу Киев и Москва за да се затвори договорот. Трамп претходно предупреди дека неговата администрација ќе ги напушти напорите за постигнување мир ако двете страни наскоро не постигнат договор. По рунда шатл-дипломатија оваа недела, се појавија разлики меѓу ставот на Белата куќа на Трамп за мировните преговори и ставот на Украина и нејзините европски сојузници, според документите од разговорите до кои дојде Ројтерс.
Вашингтон предлага правно признавање дека Крим, украинскиот полуостров анектиран од Москва во 2014, е руска територија, нешто што Киев и неговите сојузници во Европа велат дека е црвена линија што нема да ја преминат. Исто така, постојат разлики за тоа колку брзо би биле укинати санкциите кон Русија доколку се потпише мировен договор, какви безбедносни гаранции би имала Украина и како Украина би била финансиски компензирана.
Трамп и Зеленски имаа нарушени лични односи. На нивниот состанок во Овалната соба, Трамп го обвини украинскиот лидер за „коцкање со Третата светска војна“. Оттогаш, Киев се обиде да ги поправи односите, но разликите продолжија. Зеленски рече дека Трамп е заробен во „балонот на дезинформации“ што ја фаворизира Москва, додека американскиот лидер го обвини Зеленски за влечење на мировниот договор и давање „запаливи“ изјави.