МАТИЧНИТЕ СТОМАТОЛОЗИ И ГИНЕКОЛОЗИ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ КОВИД-19 ВО ПРВАТА ФАЗА, ПОЈАСНИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

МАТИЧНИТЕ СТОМАТОЛОЗИ И ГИНЕКОЛОЗИ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ КОВИД-19 ВО ПРВАТА ФАЗА, ПОЈАСНИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОСтоматолозите реагираа дека се изоставени од првата фаза, а се во најдиректен контакт со пациентот. (Фото: Стоматолошки факултет)

Матичните стоматолози и матичните гинеколози ќе се вакцинираат против ковид-19 во првата фаза заедно со здравствените работници кои работат со ковид-пациенти, појасни денес Министерството за здравство на прашање за Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера го објави Националниот план за имунизација против ковид-19, според кој лицата ќе се поделени во три групи, без конкретно да наведе за кои матични лекари станува збор.

  •  Во првата фаза ќе бидат вакцинирани здравствените работници кои работат со ковид пациенти и лица над 70 години
  •  Во втората фаза здравствените работници со умерен ризик, меѓу кои се спомнати фармацевти, стоматолози и друг здравствен персонал, вработени во витални институции, лица над 65 години и помлади ако имаат коморбитети
  • Во третата фаза ќе се вакцинираат сите други што сакаат

Но, по објавувањето на Планот, на социјалните мрежи и на профилот на министерот за здравство Венко Филипче реагираа стоматолозите зошто се ставени во втората фаза на здравствени работници со умерен ризик.

Претседателот на Стоматолошката комора д-р Маријан Денковски вели дека преговараат со здравствените власти како во првата фаза од вакцинацијата да се вклучат сите стоматолози од земјава, оти само Комората има евиденција колку се вкупно. Министерството за здравство има евиденција за јавно-здравствените установи.

„После претставениот план, ние веднаш изреагиравме зошто стоматолозите се ставени во здравствени работници со умерен ризик. Разговараме да најдеме решение како да се вакцинираат сите стомотолошки тимови. Нема логика да се вакцинира стоматологот, а асистентот не“, ни изјави д-р Денковски.

По објавувањето на Планот за вакцинација, вчера на социјалните мрежи и на профилот на министерот за здравство Венко Филипче реагираа стоматолозите зошто се ставени во втората фаза на здравствени работници со умерен ризик. (Фото: Министерство за здравство)

„Дали знаете дека за една интервенција кај стоматолог, пациентот ја симнува маската и стоматологот е на минимално растојание од пациентот при интервенцијата. При самата работа пациентот директно дише во стоматологот, многу често и преку уста, не дај боже па уште и да се накашла. При работа со турбина, да се изразам на народен јазик, прска вода, плунка, па и крв на сите страни. Пациентот е така со отворена уста, без маска најмалку 30 минути, некогаш и до саат, два зависно од сложеноста на интервенцијата. И сето тоа се работи само со претходно измерена температура, што не е никаков показател на присуство или отсуства на вирус“, стои во еден коментар на Фејсбук.

„На вчерашната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека први се вакцинираат сите лица од група 1а. Во истата се вклучени и матичните лекари и друг здравствен персонал вработен во матичните ординации, овде спаѓаат матични стоматолози, гинеколози и лекари“, појаснија денеска од МЗ на нашето прашање зошто сметаат дека стоматолозите се здравствени работници со умерен ризик и се изоставени од првата фаза.

Во однос на категориите, согласно планот први се вакцинираат сите лица од група 1а односно:

  • Здравствени работници кои директно работат со ковид пациенти од ковид центрите и од службите за итни состојби,
  • од клиничките болници, јавни и приватни,
  • од посебните институции како домовите за стари лица, домови за лица со посебни потреби.
  •  Матични лекари и друг здравствен персонал вработен во матичните ординации
  •  Вработени во лаборатории за тестирање и дијагностика, јавни и приватни
  • Здравствените работници, кои се на вакциналните пунктови, односно тимовите ќе ја спроведуваат вакцинацијата.

Б. НЕСТОРОСКА


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира