ОД КОВИД-19 ВО СЕПТЕМВРИ ПОЧИНАА 732 БОЛНИ, СКОРО ДУПЛО ПОВЕЌЕ ОД АВГУСТ, ОД НИВ 56 СЕ ПРИЈАВЕНИ ПОСЛЕ НЕКОЛКУ НЕДЕЛИ

    ОД КОВИД-19 ВО СЕПТЕМВРИ ПОЧИНАА 732 БОЛНИ, СКОРО ДУПЛО ПОВЕЌЕ ОД АВГУСТ, ОД НИВ 56 СЕ ПРИЈАВЕНИ ПОСЛЕ НЕКОЛКУ НЕДЕЛИВо земјава досега по компликации од ковид-19 починаа 6.668 лица. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Институтот за јавно здравје (ИЈЗ ) од 22 септември навака, почна со задоцнување од по неколку недели во дневните извештаи да регистрира починати пациенти од ковид-19. Во септември вкупно починале 732 болни од ковид-19. Септемвриската бројка починати е скоро дупло поголема од онаа во август кога починале вкупно 480 болни.

    Од овие 732 починати, 56 се починати во периодот од 2-29 септември, а како дополнителни почнаа да се пријавуваат во дневните бројки од 22 септември навака.

    На 18 септември имаше 41 починат, и тоа беше највисоката дневна бројка починати во четвриот бран.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Министерството за здравство: Од кои болници се починатите лица кои изминатиов период се пријавуваат со задоцнување во регистарот за починати од ковид-19? Зошто досега не биле пријавувани, ден за ден? Зошто се пријавуваат со толкави задоцнувања? и оттаму ни одговорија: „Задоцнетите пријавени смртни случаи се пријавени од домашни и болнички услови. Од тие што починале во болница, има и од државните и од приватните болници. Пријавени се тогаш кога се појавиле во Регистерот за ковид во ‘Мој термин’“.

    На 21 април, за првпат од дотогашната пракса, во статистиката на ИЈЗ, беше наведено дека од вкупно 47 починати, 15 се починати во март во приватна клиника.

    „Приватните болници податоците за починати од ковид-19 ги праќаат до Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на дневна или на неделна основа. Од наша страна нема задоцнето објавување на податоци на починати пациенти по компликации од ковид-19“, рекоа од Министерството за здравство на 22 април.

    Според последната статистика на Институтот, од почетокот на коронакризата до 30 септември, регистрирани се 6.668 смртни случаи. Во однос на дата на смрт, најголем број на смртни случаи се регистрирани на 8 април 2021, 49 лица.

    Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (5.378) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 1.236,5/100.000 жители. Регистрирани се 3.984 смртни случаи кај лица од машки и 2.623 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 4.896 (74,1% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (3.967), дијабет (1.638) и белодробна болест (735).

    Од пријавените случаи на реинфекција, 5 завршиле со смртен исход.

    Регистрирани се 7 смртни случаи кај бремени жени и 31 смртен случај кај здравствени работници. Од пријавените случаи, 404 (6,1%) починале во вонболнички услови, а 6.203 (93,9%) починале во болнички услови.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира