ОПАЃА ИНТЕРЕСОТ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА, ЗА ТРИ ДЕНА ПРВА ДОЗА ПРИМИЈА НАД 3 ИЛЈАДИ ЛИЦА

    ОПАЃА ИНТЕРЕСОТ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА, ЗА ТРИ ДЕНА ПРВА ДОЗА ПРИМИЈА НАД 3 ИЛЈАДИ ЛИЦАМалата сала во „А1 арената Борис Трајковски“ беше отворена за вакцинација на 27 август. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Над 3 илјади граѓани примија прва доза на вакцина против ковид-19 во изминатите три дена, според дневните извештаи на Министерството за здравство.

    На 22 септември, во средата, прва доза вакцина примиле 1.624 граѓани, а вкупно се вакцинирале 7.518 граѓани. Нема податоци за 23 септември, а во петокот 24, прва доза вакцина примиле 1.717 граѓани, а вкупно се вакцинирале 6.897 граѓани.

    За споредба, на 23 август прва доза на вакцина примиле 13.108 граѓани. Од 16 август важат рестрикциите во однос на тоа дека се бара ковид сертификат за влез во трговски центри, кафеани, кафулиња, културни и спортски настани,

    „Иако интересот се намали, има една дневна бројка од 1.500-2.000 граѓани на ден кои се јавуваат за прва доза на вакцина. Јас искрено верувам дека интересот нема да се намалува, туку со сите наши апели ќе расте и натаму,  со цел за пократко време да стигнеме до еден колективен имунитет“, рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција на 23 септември. Во ТВ-интервју изминативе денови најави дека од средината на октомври ќе има мерка со која ќе може да функционираат целосно вакцинирани граѓани.

    На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со 24 септември, вакцинирани се вкупно 781.623 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.495.762 дози вакцини, а ревакцинирани се 714.135 граѓани.

    Со последните бројки 55% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

    Вакцинацијата во земјава се одвива со вакцините на „Фајзер“, „Синовак“ и на „АстраЗенека“. Сѐ уште не се знае кога ќе стигнат нарачаните руски вакцини „спутник“. Во февруари, Министерството склучи договор со рускиот производител за набавка на 200.000 дози, но досега испорачани се само 6.000 вакцини. Со месеци нема испорака, ниту најава кога ќе стасаат нови количини и со која динамика ќе се одвива испораката.

    На 22 септември во земјава стигнаа 110.612 вакцини против ковид-19 од „Фајзер-Бионтек“, кои се купени преку Ковакс-механизмот, а до крајот годината е најавена испорака на уште 100 илјади вакцини од овој производител.

    Филипче рече дека во моментов има околу 250 илјади вакцини на „Фајзер“, 50 илјади на „Синовак“ и 100 илјади на „АстраЗенека“. Министерот најави дека деновиве се очекува Данска да ја објави донацијата од 250 илјади вакцини „Џонсон“. Таа е единствена вакцина која се дава во една доза.

    Според последните податоци од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во период од 6-23 септември, на територија на државата 32.818 граѓанин, се позитивни тестирани на ковид-19, од нив 22% биле целосно вакцинирани, односно 7.248 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19.

    Според статистиката за изминативе недели, 25.570, 78% граѓани, од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани.

    Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 80%, додека 20% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

    Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 до 23 септември починале 1.033 лица со ковид-19, 888 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 14% примиле вакцина.

    Националниот комитет за имунизација препорачува трета доза на вакцина против ковид-19, за сите граѓани над 60 години, за сите здравствени работници без разлика на возраста и за сите граѓани кои имаат имунокомпромитирачки проблеми без разлика на возраста. Третата доза ќе се дава од производителот „Фајзер“, без разлика со која вакцина претходно граѓаните се вакцинирале. Препораката важи и за граѓани кои прележале ковид-19, се вакцинирале, а спаѓаат во наведените категории.

    Третата доза треба да се прими најмалку после 6 месеци од втората доза. Граѓаните ќе добијат порака преку „Мој термин“ дека може да се јават за вакцина, а ова би стартувало од понеделник.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира