ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ РОДИТЕЛИТЕ НА УЧЕНИЦИТЕ КОИ ЌЕ ОДАТ ВО ШКОЛО, АПЕЛИРА ФИЛИПЧЕ

    ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ РОДИТЕЛИТЕ НА УЧЕНИЦИТЕ КОИ ЌЕ ОДАТ ВО ШКОЛО, АПЕЛИРА ФИЛИПЧЕСпоред министерот, расте интерeсот за вакцинација кај возрасната група од 18 до 40 години, и досега се вакцинирани 170 илјади лица. (Фото: К. Попов)

    Охрабруваат бројките на новозаболени од ковид-19 во смисла на тоа дека опаѓаат, но премногу е рано да кажеме дека е некаков тренд или оди во насока овој  бран да трае пократко од претходните, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    Болничките капацитети во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга остануваат и натаму максимално исполнети, а во Скопје, рече тој, засега како Ковид-центар останува само болницата во Козле, и нема во ниту една друга болница засега да се прави Ковид-центар како што беше изминатиот период.

    „Апелирам, сега пред почетокот на новата учебна година, да се вакцинираат родителите на учениците кои ќе одат во школо и во градинка, родителите на децата под 12 години, кои не смеат да се вакцинираат. Ова е единствен начин да се смени ситуацијата. Историски гледано, сите пандемии и епидемии завршиле со вакцинација, не со прележување“, рече Филипче пред малата сала во „А1 Арената Борис Трајковски“ каде од денес е отворена малата сала како вакцинален пункт.

    На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 695.525 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 9.123 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.303 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.207.515 дози вакцини, а ревакцинирани се 511.989 граѓани.

    Според министерот, расте интерeсот за вакцинација кај возрасната група од 18 до 40 години, и досега се вакцинирани 170 илјади лица, што претставува, вели тој, 26 отсто од вкупното население во тие возрасни групи.

    Со последните бројки, 70% од пријавеното население над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 69% од пријавеното  население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 65% од пријавеното население над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 56% од пријавеното население над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

    Вкупно ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата се 171.576, оздравени се 153.148, починаа 5.755, а активни случаи се 12.673.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира