ПУНКТОВИТЕ ЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19 ЌЕ РАБОТАТ УТРЕ, В НЕДЕЛА НЕ

    ПУНКТОВИТЕ ЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19 ЌЕ РАБОТАТ УТРЕ, В НЕДЕЛА НЕВакцинацијата во земјава се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Синовак“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вакциналните пунктови во сите здравствени установи низ државата ќе работат утре, 14 август, соопшти Министерството за здравство. Оттаму додаваат дека во сабота се работи, а недела е неработен ден за јавно-здравствените установи.

    „Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат утре ќе може да го направат тоа како и секој друг работен ден“, вели Министерството.

    Поради зголемениот интерес за вакцинација на 11 август се отворија дополнителни четири вакцинални пунктови во Скопје, и тоа во поликлиниките Бит Пазар, Драчево, Ченто и Ѓорче Петров. Во две смени работат пунктовите во Чаир, Јане Сандански, Букурешт и Бит Пазар, а во прва смена работат Шуто Оризари, Драчево и Ченто.

    Министерството денеска соопшти дека ниту еден од 25-те починати лица од ковид-19 во периодот од 6 до 12 август не бил вакциниран против вирусот. Од почетокот на коронакризата во земјава по компликации од ковид-19 починаа 5.527 лица.

    Од 6-12 август во земјава 3.497 граѓани се регистрирани за позитивни, од кои 450 биле целосно вакцинирани, односно само 12,8%. Во оваа анализа за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина. Голем процент, 87,1% или 3.047 граѓани од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани.

    „Смртноста кај невакцинираните е 100%, покажува анализата. Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход“, апелира Министерството.

    На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 571.392 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.808 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 15.574 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.033.584 дози вакцини, а ревакцинирани се 462.192 граѓани.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира