Од утре, во соработка со Министерството за образование и наука (МОН) ќе се бараат писмени согласности од родителите за скринингот за ковид-19 на 8.200 деца во училиштата, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тоа би се завршило до крајот на неделава и почетокот на следната, за веднаш да започне во текот на наредната недела.
Министерот кажа дека веќе е подготвена методологијата во соработка со МОН, се знае бројката, во кои одделенија, класови и основни и средни школи ќе се спроведува.
„Апелирам до родителите да го прифатат скринингот. Не е ништо страшно, се зема обичен брис од носот, како и во други случаи на испитувања. Сега е мирна епидемиолошката состојба, немаме многу деца хоспитализирани во болницата во Козле, 10-15, и во ниту една друга институција. Важно ни е да знаеме дали евентуално би се откриле асимптоматски случаи“, рече Филипче на настан за подигање на свесноста за значењето на донирање органи и ткива, како и коскена срцевина во лекувањето и спасувањето човечки животи.
За најавената мерка дека во сите затворени места ќе се бара сертфикат за две примени дози вакцина против ковид-19, Филипче рече дека тоа ќе се разговара на следниот состанок на Генералниот кризен штаб, и би оставиле простор да почне за важи за една до две недели од сега.
Досега, со барем една доза се вакцинирани 790 илјади граѓани, од кои 750 илјади се ревакцинирани, а 1.000 се вакцинирани со трета доза. Активни болни од ковид-19 се 6.658.
Б. НЕСТОРОСКА