СИТЕ ШТО СЕ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ОД КОВИД-19 ВО СКОПЈЕ НЕ СЕ ВАКЦИНИРАНИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ

    СИТЕ ШТО СЕ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ОД КОВИД-19 ВО СКОПЈЕ НЕ СЕ ВАКЦИНИРАНИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕБројот на хоспитализирани се намалува со зголемување на бројот на вакцинирани (Фото: СДК.МК)

    Пациентите кои во моментов лежат во скопските ковид-центри поради компликации од ковид-19 не се целосно вакцинирани, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК министерот за здравство Венко Филипче. Податоците се според извештаите кои му ги испраќаат директорите на Клиниката за инфективни болести и Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“.

    „На почетокот од имунизацијата, имаше случаи на хоспитализирани лица два-три дена дена по примањето на првата доза, но тоа значи дека тие се заразиле непосредно пред примањето на првата доза.  Сега бележиме дека во болниците на интензивна нега од последици на ковид-19 се третираат пациенти, од кои речиси сите не примиле ниту една доза вакцина. Ниту еден целосно вакциниран пациент (сосе ревакцинација) немал потреба од болничко лекување“, вели министерот Филипче. Тој смета дека ова само ги потврдува резултатите од клиничките испитувања дека вакцините со кои се имунизираат македонските граѓанки и граѓани се од 95 до 100 проценти ефикасни, и дека речиси ги елиминираат  смртните случаи и потребата од хоспитализација и интензивна нега.

    Според последните податоци од Министерството за здравство кои се однесуваат на 14 јуни, 30 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Изминативе два дена, 15 и 16 јуни, не е регистриран ниту еден смртен случај од ковид-19.

    Според статистиката од 14 јуни во „8 Септември“ има вкупно 12 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 18 пациенти. На Инфективните одделенија во другите градови вкупно лежат 66 пациенти.

    „Во нашата земја нема починато лице како последица од вакцина за вирусот ковид-19. Како компликации од вакцина нема хоспитализирано лица во болница со исклучок на 23-годишната девојка која на почетокот на април беше примена на Клиниката за хематологија, но брзо се опорави“, ни рекоа од Министерството за здравство.

    Сличен податок објавија и властите во соседна Грција. Весникот „Катимерини“ пренесе изјавата на министерот за развој Адонис Георгиадис, според која сите 398 лица кои се хоспитализирани во грчките болници поради ковид-19 се невакцинирани, како и дека со растот на бројката на вакцинирани лица, се намалува бројот на пациенти поставени на апарати за дишење.

    На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 263.083 граѓани. Прва доза вакцина заввчера примиле 3.606 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 5.611 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 458.131 дози вакцини, а ревакцинирани се 195.048 граѓани.

    Преку веб платформата вакцинација.мк се пријавиле 452.093 граѓани.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира