Донација од Грција од 100.000 вакцини против ковид-19 на „ АстраЗенека“ пристигна во земјава, кажа министерот за здравство Венко Филипче. Вакцините, вели тој, веднаш ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови и наменети за лица над 60 години согласно стратегијата за вакцинација.
„Уште еднаш се потврдуваат добрососедските односи и поддршка кои се особено значајни во време на пандемија. Голема благодарност до грчкиот народ и амбасадорот на Грција во нашата земја, Русос Кундурос со кој утрово ги пречекавме вакцините“, напиша Филипче на Фејсбук.
Вакцинацијата во земјава се одвива со „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Синовак“.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се 408.953 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.355 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.393 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 652.680 дози вакцини, а ревакцинирани се 243.727 граѓани.
Пријавени се 496.228 граѓани.
Филипче најави дека од понеделник почнува теренската вакцинација, и дека акцент ќе биде ставен на руралните средини, особено во Шуто Оризари. Од понеделник почнува и вакцинирање без закажан термин, а само со вакцината на „Фајзер“ ќе може да се вакцинираат и деца од 12-16 години.
Б. НЕСТОРОСКА