СТИГНАА 200 ИЛЈАДИ КИНЕСКИ ВАКЦИНИ, ОД ВТОРНИК ДНЕВНО ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ДО 15 ИЛЈАДИ ГРАЃАНИ

    СТИГНАА 200 ИЛЈАДИ КИНЕСКИ ВАКЦИНИ, ОД ВТОРНИК ДНЕВНО ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ДО 15 ИЛЈАДИ ГРАЃАНИВакцините стигнаа рано утринава од Пекинг, преку Истанбул и Белград. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во земјава утрово стигнаа 200 илјади вакцини против ковид-19 од кинеската фирма „Синофарм“, кои се купени со директни преговори со производителот. Министерот за здравство Венко Филипче, кој ја пречека пратката заедно со кинескиот амбасадор Џао Ѕунг, рече дека вакцинацијата ќе почне од 4 мај, вторник, во Скопје во „А1 арената Борис Трајковски“ и во спортски сали во шест градови во земјава, во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола. Дневно ќе се вакцинираат по 10 до 15 илјади луѓе, а како приоритетни ќе се земат сите пријавени преку веб страната vakcinacija.mk.

    „Граѓаните треба да се пријават на сајтот vakcinacija.mk и оттука се генерираат приоритетите. Ќе добијат или СМС порака или меил или двете во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време“, рече Филипче.

    Вакцината на „Синофарм“ се дава во две дози.  За разлика од вакцината на „Фајзер“ која треба да се чува на температура од – 70 Целзиусови степени, кинеската може да се чува во обичен фрижидер.

    Во наредниот период ќе стигнат уште 500 илјади вакцини на „Синовак“ и дополнителни 100 илјади кинески од „Синофарм“, како и уште 26 илјади од „Фајзер“.

    „Со оглед на лошата ситуација со ковид-19 во Индија, неизвесно е доаѓањето на вакцините од ‘АстраЗенека’, со оглед на тоа дека таму се произведува“, кажа Филипче.

    Вакцините ќе се чуваат во ладната соба во Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.

    Во земјава во моментов имунизацијата се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „спутник“. Досега се вакцинирани 55.926 граѓани, а пријавени се 207.332 граѓани.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира