ЗА ЕДНА НЕДЕЛА 54 ПРЕЛЕЖАНИ ПОВТОРНО СЕ ЗАРАЗИЛЕ ОД КОВИД-19, А ЗА ЦЕЛА КОРОНАКРИЗА 351 ЛИЦЕ

    ЗА ЕДНА НЕДЕЛА 54 ПРЕЛЕЖАНИ ПОВТОРНО СЕ ЗАРАЗИЛЕ ОД КОВИД-19, А ЗА ЦЕЛА КОРОНАКРИЗА 351 ЛИЦЕЗаклучно со вчера, во земјава вакцинирани се вкупно 703.557 граѓани.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Брзо расте бројката на прележани лица кои пак се заразиле со ковид-19, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Анализирајќи ја неделната епидемиолошка состојба , Институтот има детектирано дека во период на една недела, од 15 до 22 август, 54 лица кои еднаш биле позитивни на ковид-19, повторно се заразиле со вирусот. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 22 август годинава, во земјата вкупно се детектирани 351 случај на повторно заразување со коронавирусот.

    Од почетокот на коронакризата во земјава ковид-дијагностицирани лица се 172.657, оздравени се 153.640, починаа 5.782, а активни случаи се 13.235 болни.

    Министерството за здравство денес ја ја објави анализа за вакцинирани од позитивни случаи со ковид 19, во период од 6 август заклучно со 26 август. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

    Во период од 6 до 26 август, во земјава 17.020 граѓани се позитивни од тестирани на ковид-19. Од нив, 17% биле целосно вакцинирани, односно 2.924 лица, а 83 отсто невакцинирани.

    Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од три седмици на територија на државата починале 276 лица со ковид-19, 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30 (10%) примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

    „Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистиката за изминативе три недели, 14.096 граѓани, односно дури 83% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 89%, додека само 11% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани“, вели Министерството.

    Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање во Македонија, како и вакцини „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“ кои некои од пациентите ги примиле во странство.

    На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 703.557 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 7.625 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.883 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.220.375 дози вакцини, а ревакцинирани се 516.797 граѓани.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира