Се забележува намалување на заболените лица од ковид-19 кај сите возрасни групи во периодот од 27 септември до 3 октомври, а најголемо процентуално намалување се забележува кај помладата популација, односно кај лицата од возрасните групи од 0-9, 10-19 и 20-29 години, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Во наведениот период, тестирани се 22.548 материјали, со намалување од 10,1% во однос на минатата недела. Регистрирани се 2.670 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, за 9,0% помалку од минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 7,2% до 14,4%, просечно 11,6%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (1.309; 49,0%), а највисока инциденца е регистрирана во Кратово – 294,7/100.000.
Од новозаболените, најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (738, 27,6%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (86; 3,2%). Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, кое се движи од -1,6% кај лицата од 50-59 години и над 60+ години до -30,6% кај возрасната група од 0-9 години.
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.323 (49,6%) лица од машки и 1.347 (50,4%) од женски пол.
Во текот на мината недела вкупно се пријавени 39 реинфекции, зголемување од 21,9% во однос на претходната недела. Заклучно со 3 октомври, вкупно е регистрирана 591 реинфекција (една втора реинфекција).
Пријавени се 85 смртни случаи во 24 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (35). Најголем број (73; 85,9%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (10), 40-49 години (1) и 30-30 години (1).
Со статус оздравени се стекнале 2.681 лице кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, намалување од 26,4% во споредба со минатата недела.
Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 600 лица, а од нив 382 се на кислородна поддршка и 23 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.
Во однос на вакцинацијата, според последните информации од Министерството за здравство, заклучно со 4 октомври вкупно се вакцинирани 791.141 граѓани, ревакцинирани се 737.979. 53% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 32% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47% , а со две дози опфатени се 44% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Б. НЕСТОРОСКА