НЕДЕЛКОВА ПОБАРАЛА НЕВРОПСИХИЈАТАР ДА ГИ ПРEГЛЕДА СИТЕ ВРХОВНИ СУДИИ 

    НЕДЕЛКОВА ПОБАРАЛА НЕВРОПСИХИЈАТАР ДА ГИ ПРEГЛЕДА СИТЕ ВРХОВНИ СУДИИ Поради болест на некои од врховните судии, на неопределено е одложена седницата на која требаше да ги гласаат двата предлога на претседателот Јово Вангеловски, бомбите со прислушуваните разговори во кои има и негови разговори да не важат како доказ во кривична постапка, како и предлогот Специјалното обвинителство да не може пред Врховниот суд да поднесува барања за заштита на законитоста (Фото: СДК.МК)

    Седницата на Врховниот суд на која судиите требаше да ги гласаат двата предлога на претседателот Јово Вангеловски, бомбите со прислушуваните разговори во кои има и негови разговори да не важат како доказ во кривична постапка, како и предлогот Специјалното обвинителство да не може пред Врховниот суд да поднесува барања за заштита на законитоста, утрово се одложи. Официјално, одлагањето е поради болест на некои од врховните судии, а неофицијално, брифираат дел од судиите во највисокиот суд, седницата се одложила на неопределено поради одбивањето на мнозинството од врховните судии да гласаат за предлозите на Вангеловски за блокада на СЈО.

    Дел од врховните судии, кои сакаат да останат анонимни, за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека се чувствуваат многу навредени од 12 април, кога почна и се прекина општата седница, токму кај двата предлога на Вангеловски. Тие се навредени од поранешната претседателка на Врховниот суд Лидија Неделкова, која прва во средата ја напуштила седницата.

    „Навредени сме оти колешката Неделкова рече дека треба да се повика невропсихијатар за да нѐ прегледа сите врховни судии, што не ѝ доликува“, велат дел од судиите.

    Според неофицијалните информации, Неделкова ова го кажала кога се гласало за нејзиниот приговор против интервенцијата на Вангеловски во годишниот распоред на врховните судии, со која тој ја извадил неа од кривичниот совет и ја ставил во три други совети кои немаат врска со кривични предмети.

    Нејзиниот приговор бил екпресно отфрлен, како и приговорите на незадоволните 17 судии од Основниот суд Скопје 1 против распоредот на претседателот Стојанче Рибарев. Кога се гласало за нејзиниот приговор, Вангеловски излегол од општата седница, бидејќи приговорот бил против него. Судиите, наводно, го немале годишниот распоред пред себе, па Неделкова ги прашала:

    „Како гласате без материјали пред себе, колеги? Вие фотографско памтење да не имате, па не ви треба да го имате распоредот пред вас, да видите од кај сум извадена, во кои други совети сум ставена, дали таму ми е местото, кој судија ме заменил, кој ги зел моите предмети? Или, можеби по наредба гласате? Знаете што, крајно време е овде да влезе еден лекар и сите да нѐ прегледа дали сме нормални ова што го правиме“.

    Тогаш зел збор судијата Васил Грчев, кој ѝ рекол: „Колешке, за кои судии мислите дека треба да бидат прегледани? Вие ова за сите врховни судии ли го мислите? Ние сме навистина навредени од вас“.

    Но, Неделкова по оваа точка ја напуштила седницата и не се вратила за расправата по двата предлога на Вангеловски.

    Неделкова, која е еден од петтемина врховни судии – кривичари, од кривичниот совет била преместена веднаш штом се изјаснила на седницата на овој совет дека предметот за избеганиот бизнисмен Сеад Кочан осомничен во случајот „Труст“ е во надлежност на СЈО, а не ОЈО на Марко Зврлевски. Предметот по поднесеното барање за заштита на законитоста беше поднесен од Зврлевски, а со електронската распределба се паднал токму кај Неделкова.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Коментари