ЕДИ РАМА МИ РЕЧЕ ДЕКА НЕМА ШАНСИ САМ ДА ГИ УРНАМ ДИВОГРАДБИТЕ АКО ЗАД ОХРИД НЕ ЗАСТАНЕ ДРЖАВАТА И ПОЛИЦИЈАТА КАКО ВО ПОГРАДЕЦ, ВЕЛИ ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК

    ЕДИ РАМА МИ РЕЧЕ ДЕКА НЕМА ШАНСИ САМ ДА ГИ УРНАМ ДИВОГРАДБИТЕ АКО ЗАД ОХРИД НЕ ЗАСТАНЕ ДРЖАВАТА И ПОЛИЦИЈАТА КАКО ВО ПОГРАДЕЦ, ВЕЛИ ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК„Го прашав како срушивте сè, на што Рама ми одговори дека ако сакаме акцијата да ни биде успешна треба зад неа да стои полицијата и државата. Ми рече ти сам не можеш да се избориш со проблемот кој со години се таложел“, вели Георгиевски. - Еди Рама; Константин Георгиевски (Фото: Ѓ. Личовски)

    Градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски побарал совет од премиерот на Албанија Еди Рама, како да се справи со дивоградбите во заштитениот појас на Охридското Езерото. На регионалниот состанокот Западен Балкан што на 9 ноември се одржа во Охрид, Георгиевски имал средба со Рама на која го прашал како Албанија се справила со дивоградбите во Поградец од другата страна на Езерото.

    „Го прашав како срушивте сè, на што Рама ми одговори дека ако сакаме акцијата да ни биде успешна треба зад неа да стои полицијата и државата. Ми рече, ти сам не можеш да се избориш со проблемот кој со години се таложел“, вели Георгиевски.

    Пред неколку години, целиот крајбрежен појас од другата страна на Охридското Езеро беше исчистен од нелегални градби, кафулиња, ресторани и тераси. На 6 јуни, албанскиот дел од Охридското Езеро беше вклучен во листата на светско наследство на УНЕСКО.

    Георгиевски вели дека неколку пати имал средби со Државниот градежен инспекторат за објекти и делови од градот кои се под нивна надлежност, но од таму не постапуваат и не му понудиле помош и соработка.

    За нелагалниот хотел во Лагадин има исто решение за уривање, потврдено и од Второстепена комисија, но сопственикот поднел тужба, па се чека да заврши судскиот процес. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Според Регистарот на дивоградби што летово го изработи Општина Охрид, во градот има 1.079 дивоградби од кои 409 се во заштитениот појас. Како што вели градоначалникот Георгиевски, мал дел од нив се објекти како што е хотелот кај Лагадин, поголемиот број се настрешници, тераси, огради, прозорци. Туку влегуваат и плажите, односно платформите кои се поставени во езерото. Општината им даде рок на сопствениците сами да ги отстранат и веќе на терен се забележува уривање на платформите во езерото.

    За хотелот во Лагадин, за кој инвеститорот има прекршено 19 закони, има исто така решение за уривање, но сопственикот поднел тужба, па се чека да заврши судскиот процес.

    „Јас му го поништив решението, па сопственикот се жалеше на Второстепена комисија, од каде го потврдија моето решение за ништовност на одобрението за градба. На тоа решение сопственикот има право на тужба на суд и поднесе тужба до Управен суд. Постапката е стопирана додека не добиеме решение од Управен суд и таа да стане правосилна. Точно е дека јас може да го урнам, но ако утре добие на суд може да ја тужи Општината и да плаќаме оштети и да се повтори случајот ’Космос‘. Затоа ќе чекаме сите процеси да завршат, па ќе се пристапи кон уривање“, вели Георгиевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира