11-годишниот Јане Велковски од Скопје, кој боледува од спинална мускулна атрофија (СМА) и е застапник за деца со попреченост од Македонија, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк говореше на Самитот на УНИЦЕФ на прославата за одбележување на Светскиот ден на детето. Од возрасните тој побара да прават сѐ за детските права, да ги остранат бариерите на најмладите и да стават крај на дискриминацијата. На децата како него им кажа да бидат истрајни и никогаш да не се откажуваат од нивните соништа, дека треба да ги рушат бариерите каде и да се појават, и да прават добро за да надоместат за добрината која недостасува.
„Роден сум со спинална мускулна атрофија, и поради тоа наоколу се движам во инвалидска количка, која јас ја нарекувам формула еден. Но, моите родители од мали нозе ме научија дека можам да правам се што прават другите, само на поинаков начин. Како што растев, тоа стана правило, да правам сѐ и да уживам во животот. Одам на училиште и имам многу пријатели. Учам, излегувам, играм, но, мојата најголема пасија е фудбалот. Го засакав фудбалот од кога бев многу мал, и играм фудбал во секој момент кога можам. Ми дава сила, енергија и ме прави среќен. Фудбалот ми помогна да се изборам за да ја добијам терапијата, ме поврза со многу славни личности, и ме направи голем борец за еднаквост и спорт. Верувам дека сите во светот можат да играат фудбал. Без разлика на тоа како играат, важно е да се биде рамноправен и почитуван. Се сметам себеси за еднаков со другите, тоа е и начинот на кој постапувам, тоа е начинот на кој сите треба да се однесуваат. Но, не е лесно кога користиш инвалидска количка, затоа што постојат многу пречки на патеката. Мојата попреченост, не ми пречи. Тоа што ми пречи се бариерите во моето опкружување. Ме иритира кога сум спречен да одам некаде, ако нема рампа или транспорт за мене, па мора да ме носат моите родители. Кога бев помлад, родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене, но јас сакам да пораснам во личност која е независна“, рече Јане во говорот.
Пред да говори во Обединетите нации Јане се сретна и со фудбалската ѕвезда Дејвид Бекам кој на Самитот учествува како амбасадор на УНИЦЕФ во светот. Додака траеше сесијата Бекам и Јане кратко разговараа, а доби и автограм од поранешниот репрезентативец на Англија.
Јане и останатите деца и младинци кои учествуваат на Самитот во Њујорк побара да се преземе акција за да се заштитат и промовираат правата на децата.