273 пријави за огнови на отворено стигнале годинава на телефонскиот број 193, а пишани се 118 казни. Од Град Скопје со цел да се спречи дополнително загадување на воздухот, апелираат граѓаните наместо да пишуваат на Фејсбук каде има оган, да се јават на бесплатниот број 193 за да може брзо да се реагира.
„Телефонското пријавување преку 193 е најбрзиот и најефикасниот начин на пријавување. Тоа е бројот на противпожарната единица која е единствената служба којашто има брз и проверен систем за реакција и ги покренува сите потребни служби со цел мешаните тимови навремено да излезат на терен. Затоа, наместо да објавуваат на Фејсбук или на другите социјални мрежи, ги повикувам сите граѓани овие случаи да ги пријавуваат исклучиво на 193. Природата на оваа работа е таква што тимовите можат да работат ефикасно само доколку се реагира брзо на единствениот проверен начин, а тоа е телефонскиот повик на 193. Се друго е непотребно губење време“, рече портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху.
Раководителот на Инспекторатот на Град Скопје Мирослав Богдановски кажа дека годинава се пишани многу повеќе казни на загадувачите, во споредба со другите години. Лани за огнови на отворено биле пишани 14 казни, а до денеска бројот на казни оваа година е 118.
„Вршиме и вонредни инспекциски контроли на објектите кои имаат Б-интегрирана дозвола и за кои сме ние надлежни. Изминативе месеци извршени се 15 инспекциски контроли и кај 6 субјекти е констатирано надминување на граничните вредности, по што изречени се казни кои се движат од 3.000 евра па нагоре“, рече Богдановски.
Денеска инспекторите на Град Скопје фатија лица како палта гуми под Кале, по што биле изречени казни, а огнот изгаснат од пожарникарите.
А. АНТЕВСКА