ГАЛИИТЕ ВО ВАРДАР ЌЕ ОСТАНАТ ДО 2035, ГРАДОТ НЕМА 6 МИЛИОНИ ЕВРА ДА ГИ ТРГНЕ ИАКО ПРОТОЧНОСТА НА ВАРДАР Е НАМАЛЕНА ЗА ТРЕТИНА

ГАЛИИТЕ ВО ВАРДАР ЌЕ ОСТАНАТ ДО 2035, ГРАДОТ НЕМА 6 МИЛИОНИ ЕВРА ДА ГИ ТРГНЕ ИАКО ПРОТОЧНОСТА НА ВАРДАР Е НАМАЛЕНА ЗА ТРЕТИНАДоговорот на Град Скопје со фирмата „Воденица“ е на 20 години и истекува 2035 година, а на другите два бродови договорите се на десет години и истекуваат во 2026 и 2027.(Фото: Ѓ.Личовски)

Бродови во коритото на реката Вардар во центарот на Скопје ќе има до 2035 година. Тогаш истекува последниот договор кој Град Скопје, кога градоначалник беше Коце Трајановски, го склучи на 20 години со фирмата „Воденица“. Другите два договора, кои при јавното наддавање беа склучени со фирмата „Фаланга“ на фризерот Давор Андреевски, а денеска имаат други сопственици, се на десет години и истекуваат во 2026 и 2027.

Друг начин да се отстранат бродовите од Вардар е Град Скопје да ги урне, но за тоа ќе треба да плати оштета на сопствениците. Според проценките тоа би чинело околу 6 милиони евра, а Градот нема пари за да дава милиони евра за уривање и обештетување.

Бродовите во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“ на владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, со кој се потрошија 700 милиони евра за да се измени ликот на центарот на Скопје. При една од многуте измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) Мал Ринг, кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар.

На јавното наддавање во Град Скопје во феврари 2012 беа продадени само две локации на фирмата „Фаланга“, кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. Во декември истата година, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ меѓу двата пешачки моста. Останатите локации за сплавови кои потоа прераснаа во бродови, никој не сакаше да ги купи и тие не се продадоа.

Маркичките за бродови во Вардар беа вцртани со една од измените на ДУП-от „Мал ринг“ кои беа донесени во времето кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ. (Фото: Ѓ.Личовски)

За сите три бродови договорите кои се склучени со градските власти се за поставување урбана опрема заради вршење угостителска дејност. Сопствениците имаа рок, според првичниот договор, да ги стават во функција за 24 месеци, но тие рокови не се почитуваа, па Градот им ги продолжуваше роковите со нови анекс-договори.

Брод кај МЕПСО

Рок на користење: 10 години од денот на почнување со работа. Договорот во моментов е ставен во мирување поради градежни работи на Град Скопје за изградба на мостот на кој требаше да стои Панорамското тркало.

Сопственик: „Фаланга ДИМ“ ДООЕЛ, сменето во „Фаланга Херонеа“ ДООЕЛ.

Кирија: 76.600 денари месечно.

  • Договор за доделување право и издавање на одобрение за поставување на урбана опрема за вршење на угостителска дејност на кејот на реката Вардар број 08-1257/1 од 21.03.2012 година.
  • Анекс договор број 1 кон основниот договор број 08-1257/1 од 29.07.2013 година.
  • Анекс договор број 2 кон основниот договор број 08-1257/2 од 31.01.2014 година.
  • Анекс договор број 3 кон основниот договор број 08-1257/3 од 20.06.2014 година.
  • Договор за давање на согласност и доделување на право и издавање на одобрение за поставување на урбана опрема за вршење на угостителска дејност на кејот на реката Вардар број 08-4830/1 од 11.07.2014 година.
  • Анекс договор број 4 кон основниот договор број 08-1257/4 од 06.12.2016 година.

Бродот под МЕПСО за кој локацијата ја доби фирмата „Фаланга“ на физерот Давор Андреевски, а сега е сопственост на фирмата „Фаланга Херонеа“. (Фото: Ѓ.Личовски)

Брод кај Градски трговски центар

Рок на користење: 20 години од денот со почнување со работа.

Корисник: „Воденица ОНЕ ТП“

Кирија: 35.990 денари месечно.

  • Договор за доделување право и издавање на одобрение за поставување на урбана опрема за вршење на угостителска дејност на кејот на реката Вардар број 08-5112/1 од 06.12.2012 година.
  • Анекс договор број 1 кон основниот договор број 08-2012/1 од 19.02.2015 година.
  • Анекс договор број 2 кон основниот договор број 08-5112/2 од 28.07.2015 година.

Бродот кој сопственикот на фирмата „Воденица“ го направи хотел е со концесија од 20 години и најевтина месечна кирија од 35.990 денари двојно помала од онаа што ја плаќаат сопствениците на другите два бродови. (Фото: Ѓ.Личовски)

Брод кај Холидеј ин

Рок на користење: 10 години од денот со почнување со работа.

Корисник: Фаланга ДИМ ДООЕЛ, сменето во „ИНТЕК МАК“, сменето во „СЕРВИС АД“.

Кирија: 64.999 денари месечно.

  • Договор за доделување право и издавање на одобрение за поставување на урбана опрема за вршење на угостителска дејност на кејот на реката Вардар број 08-1258/1 од 21.03.2012 година.
  • Анекс договор број 1 кон основниот договор број 08-1258/2 од 29.07.2013 година.
  • Анекс договор број 2 кон основниот договор број 08-1258/3 од 09.09.2014 година.
  • Анекс договор број 3 кон основниот договор број 08-6745/3 од 03.09.2015 година.
  • Анекс договор број 4 кон основниот договор број 08-2263/3 од 31.08.2016 година.
  • Анекс договор број 4 кон основниот договор број 08-1258/5 од 01.02.2017 година.

Со сопственикот на бродот „Среќа“ кај хотелот „Холидеј ин“ Град Скопје води преговори тој да се отстрани а притоа да не се плаќаат пенали. (Фото: Ѓ.Личовски)

Градоначалникот Петре Шилегов во првите месеци откако дојде на градоначалничката функција на прес-конференции, во интервјуа и изјави за медиуми, велеше дека ќе ги отстрани бродовите во Вардар бидејќи претставуваат опасност.

„Наредив да започне постапка за дислоцирање на галиите. Во тек се постапките. Како ќе бидат созреани одлуките за носење, така ќе бидат објавени“, рече градоначалникот Петре Шилегов на прес-конференција на кејот на Вардар пред една од галиите на 7 февруари 2018, два месеца откако ја презеде градоначалничката функција.

Но, од ваквите изјави на Шилегов кои на големо ги даваше на почетокот на неговиот мандат, не се оствари ништо. Бродовите сѐ уште се во Вардар и тешко дека ќе бидат отстранети бидејќи Градот нема пари.

Шилегов сега вели ако Градот ги отстрани бродовите и при тоа ги обештети сопствениците, тоа би го чинело околу 6 милиони евра. Тоа се многу пари кои Град Скопје ги нема, па затоа се преговара со сопствениците сами да се откажат од објектите.

Градоначалникот Шилегов вели дека оваа година може да се случи две од трите галии да бидат дислоцирани, а истот го најави и за 2019 година но тоа не се случи. (Фото: СДК.МК)

„Едната галија што е кај градилиштето на мостот не може да биде отстранета, сега не работи поради градежните работи за мостот. Тој многу бргу ќе биде пуштен во употреба и ќе мора да стапат во определна дејност. Останува да видиме дали ќе почнат со работа. За првата галија кај ‘Холидеј ин‘ со сопствениците сме во завршна фаза на разговори и договори. Можно е многу бргу да биде дислоцирана. Може да се случи оваа година две од трите галии да бидат дислоцирани. Сега за сега, не можеме да се договориме со сопственикот на третата галија ‘Воденица‘“, вели Шилегов.

Речиси ист одговор дека галиите наскоро ќе се отстранат градоначалникот Шилегов даде за САКАМДАКАЖАМ.МК и на 22 декември 2018, велејќи „очекуваме дека во блиска иднина ќе можеме да зборуваме за отстранување на две галии. Можно е едниот брод да биде отстранет и до крајот на оваа година“.

Трите бродови во Вардар заедно со пешачките мостови претставуваат опасност реката да се излее при пообилни дождови бидејќи тие се еден вид препрека во коритото. Ова го покажува студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи. Во студијата се вели дека бродовите за третина ја намалиле проточноста на реката и дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти.

Бродот под МЕПСО во моментов не работи поради градежни работи за мостот за панорамското тркало. (Фото: Ѓ.Личовски)

„Регулираното речно корито на Вардар низ централното подрачје, во текот на изминатите неколку години е предмет на архитектонски промени. По 2010 година, изградени се два нови пешачки моста, а еден мост со панорамско тркало е сè уште во градба. Исто така, измените вклучуваат изградба на три статични бродови во речното корито, наменети за разонода. Со оглед на тоа, моменталната состојба на речното корито на Вардар во Скопје е видливо изменета од проектните параметри, главно поради големите количини на нанос депониран во речното корито и инфраструктурата што зазема дел од попречниот профил“, стои и во студијата.

Во декември 2017, Вардар во центарот на градот се излеа од малото корито по еден ден дожд.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира