Лица со оштетен вид една недела учеа да лизгаат на мраз на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“. 40 лица со оштетен вид или кои воопшто не гледаат, од Македонија, Косово, Турција и Романија преку теоретски и практичен дел се запознаа со вештините на лизгањето. При лизгањето им помогаа студенти од Факултетот за физичка култура и Филозофскиот факултет.
„Сум лизгала досега, но малку сум заборавила бидејќи неколку години не сум била на лизгалиште. Многу ретко паѓам, но може да се случи и тоа, па не е интересно ако не паднеш. Овој проект е значаен за нас бидејќи имаме можност да правиме нешто што сите го прават, да се дружиме со наши врсници од други земји, а воодено вежбаме и ја подобруваме рамнотежната“, вели Бера Салифовска, која е една од учесниците во овој проект.
Проектот „Инклузивно лизгање на мраз за сите” го спроведува организацијата „Мрежа за доживотно учење“ заради социјална инклузија на младите лица со попреченост.
„Теоретскиот дел од активностите се спроведува во Државен училишен центар за образование и рехабилитација ‘Партенија Зографски’, па потоа дојдовме на лизгалиште. За некои деца ова е прв пат да лизгаат, па кај нив постоеш и одреден страв. Но, оние кои веќе биле на лизгалиште ги охрабрија дека паѓањето не е воопшто страшно, туку напротив тоа е и забавно. После неколку часа сите се опуштија и сега не сакаат да ги напуштат лизгалиштето“, вели Сретен Коцевски, претседател на „Мрежа за доживотно учење“.
А. АНТЕВСКА