ОРЦЕ КАМЧЕВ БАРАЛ ИЗЗЕМАЊЕ НА СУДИЈАТА ВЕСНА ДИМИШКОВА И НА ОБВИНИТЕЛКАТА ЛИЛЕ СТЕФАНОВА ОД „ИМПЕРИЈА“, НЕ ДОБИЛ

    ОРЦЕ КАМЧЕВ БАРАЛ ИЗЗЕМАЊЕ НА СУДИЈАТА ВЕСНА ДИМИШКОВА И НА ОБВИНИТЕЛКАТА ЛИЛЕ СТЕФАНОВА ОД „ИМПЕРИЈА“, НЕ ДОБИЛКамчев за време на сведочењето во „Рекет“ зборуваше против обвинителката Стефанова и судијката Димишкова и си даде делумна одбрана за „Империја“, каде што е првоосомничен од Стефанова. - Лиле Стефанова; Орце Камчев (Фото: К. Попов)

    Првоосомничениот во истрагата „Империја“ Орце Камчев, кој е пријавувач и главен сведок во предметот „Рекет“, побарал изземање на обвинителката Лиле Стефанова која е обвинител во истрагата против него, но и на судијата на претходна постапка Весна Димишкова.

    Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска и претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев, кои им се претпоставени на Стефанова и на Димишкова, за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека барањето на Камчев го одбиле како неосновано.

    За време на сведочењето во „Рекет“, Камчев беше оставен да си даде одбрана и за истрагата што се води против него, а која ја почна Стефанова додека беше во Специјалното обвинителство. Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески пак ѝ ја довери на Стефанова да ја води, но сега во Обвинителството за организиран криминал кај Русковска.

    „Катица преку Лиле Стефанова врши притисок. Вика на брифинг група новинари, зборува за ’Империја‘, која е чиста конструкција од Катица, Лиле и Бојан. Мене секое повикување во СЈО ми беше јавувано од Бојан Јовановски. Последниот пат во собата за испрашување дојде лично Јанева. Пред мојот адвокат Апостолски ми рече: ’Тоа што го договараш со Бојан, да го завршиш‘.“, тврдеше Орце Камчев на 6 декември за Стефанова.

    Ја обвини дека преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец барала да ѝ купи простор за стоматолошка ординација на ќерка ѝ, нешто кое таа остро го демантираше и кажа дека било обратно, дека всушност Камчев преку Чифлиганец се обидел да влијае кај неа за „Империја“.

    Потоа тој и сопругата Ана Камчева, која исто така е сведок во „Рекет“, ја споменуваа судијата на претходна постапка Весна Димишкова, која одлучуваше за мерките притвор и за другите мерки за обезбедување негово присуство. Тврдеа дека нејзиниот брат адвокат им нудел ефикасна одбрана и помош во ублажување на мерките против него, алудирајќи на неговата сестра Весна Димишкова, надлежна за „Империја“.

    И двете беа повикани кај Русковска да слушаат снимки од разговорите што ги снимал тајно Камчев, а кои наводно биле поврзани со нив. Во разговорите ги немало ни Стефанова, ни Димишкова.

    Денеска Стефанова требаше да сведочи во „Рекет“, како сведок на обвинителката Вилма Русковска. Таа дојде, но судењето беше одложено поради болест на двајцата адвокати на Јанева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира